Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Парламентарни избори во Грција: Граѓаните очекуваат дека земјата конечно ќе добие Влада

 Економијата, здравството, образованието и безбедноста на земјата се главните критериуми според кои Грците со кои разговараше дописничката на МИА од Атина, одлучиле за кого да го дадат нивниот глас на денешните парламентарни избори во Грција.

Нешто помалку од десет милиони Грци денеска гласаат на парламентарните избори, кои пет часа по отворањето на гласачките места се одвиваат мирно и без никакви проблеми.

Дописничката на МИА од Атина, рано утрово го посети гласачкото место каде што правото на глас го оствари претседателот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис, кој изрази надеж дека излезноста ќе биде поголема од минатите избори, но и убеденост дека граѓаните ќе ја исполнат нивната должност, гласајќи за„лична благосостојба, за нивното добро и доброто на нивното семејство, но и за стабилна држава“.

Граѓаните пак, очекуваат стабилна Влада, мирен изборен процес, но и дека нема да бидат потребни трети избори.

-Очекувам дека сè ќе биде во најдобар ред.  Здравството и образовниот систем се најважни за мене, кусо вели повозрасна Гркинка.  

Со сличен став е и нејзината пријателка, која вели дека очекува и посакува резулатите на денешните избори да бидат исти како и оние од пред еден месец.

-Безбедноста, развојот, напредокот и просперитетот на земјата се најважни за мене и врз основа на овие критериуми гласав денеска, вели за МИА Грк веднаш откако го исполни правото на глас.

Голем дел од граѓаните не кријат за која партија гласале, едни велат дека еднопартиска Влада на Нова демократија е најдобрата опција за Грција, други пак, дека на земјата ѝ треба промена.

Со оглед на тоа што што ова се втори избори во период од еден  месец, откако по 21 мај ниту една од партиите не успеа да формира Влада, граѓаните коментираат дека нивна желба е овој пат да постои Влада за да не бидат потребни и трети избори во текот на летото.

Правото на глас претпладнево, освен Мицотакис го остварија и лидерите на опозициските партии.

Лидерот на Нова демократија и веројатно следен премиер на Грција, гласаше во средно училиште во северниот дел на Атина, а гласањето предизвика голем интерес како кај грчките, така и кај странските медиуми.

Во моментите додека Мицотакис даваше изјава едно лице, веднаш зад него подигна пано со порака против фармите за крзно и со поддршка за бегалците.

Првите официјални резултати од Министерството за внатрешни работи на Грција, кое е и надлежно за пребројувањето на гласовите, се очекува да бидат соопштени околу 20.30 часот по локално време, додека пак веднаш по затворањето на гласачките места, медиумите во соработка со агенциите за рејтинг ќе објават предвидување на изборниот резултат, односно т.н exit polls, кои доста често го најавуваат победникот

Извор (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен