Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Нова демократија со убедлива предност на изборите во Грција, националистите Спартанци влегуваат во Парламентот

Со преброени 53,75 отсто од гласовите на денешните парламентарни избори во Грција, Нова демократија е во убедливо водство пред СИРИЗА со над 20 отсто повеќе гласови и 157 пратенички места. Во Парламентот место обезбедуваат осум партии, а меѓу нив и националистичката Спартанци, поддржана од осуден поранешен член на Златна зора, покажуваат официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи на Грција,  јави дописничката на МИА од Атина.

Поконкретно, Нова демократија добива 40,36 отсто и 157 пратенички места, СИРИЗА 17,8 проценти и 47 пратенички места, ПАСОК е на третата позиција со 12,59 отсто и 33 пратенички места, Комунистичка партија добива 7,33 и 20 пратеници.

Потоа следат десничарските партии: Спартанци со 4,77 отсто и 13 пратенички места, Грчко решение 4,63 отсто и 12 пратенички места и Победа со 3,78 проценти и десет пратеници.

На последното место е Курс на слободата на поранешната претседателка на Парламентот од редовите на СИРИЗА Зои Константопулу со 3,02 отсто и осум пратенички места. 

Од десничарските партии, Грчко решение беше дел и од претходниот пратенички состав, додека пак солунската Победа и радикалната десница Спартанци, поддржана од осудениот поранешен пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис прв пат ќе влезат во Парламентот. 

Доколку нема промени во резултатите, Нова демократија го има потребното мнозинство од над 151 пратеник за формирање еднопартиска Влада.

Излезноста, според првичните официјални информации е 50,2 отсто.

Зачлени се на нашиот е-билтен