Ристоска контра Савески: Не е точно дека „Талир 2“ ќе беше во моја надлежност ако не поднесев оставка

Поранешната обвинителка Ленче Ристоска преку социјалните мрежи реагира на тврдењата на државниот јавен обвинител Ненад Савески околу предметот „Талир 2“ истакнувајќи дека не е точно дека предметот ќе бил во нејзино надлежно постапување доколку не поднела оставка.

Во објава на„Фејсбук“, Ристоска објаснува дека како обвинител за врски, согласно правилникот за предлагање и упатување јавен обвинител за врски на Северна Македонија во Европравда, по правило можела да постапува по предмети регистрирани и во надлежност на Канцеларијата за врски, а по исклучок и по предмети по кои претходно постапувала, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител.

Според неа, предметот „Талир 2“ не бил во надлежност на Канцеларијата за врски, туку таа постапувала по него врз основа на посебно овластување од државниот јавен обвинител.

„Со повлекувањето на тоа овластување отпадна и правниот основ по кој постапував во овој предмет“, наведува Ристоска.

„Оваа информација му беше соопштена на обвинителот Савески лично од мене, на состанок пред да ја поднесам оставката. Лично го известив и дека доколку ги повлече овластувањата по предметите по кои постапувам, ќе следи мојата оставка, а ги објаснив и причините за таквата одлука.

Така што, неспорно е дека мојата оставка беше моја одлука — но таа, меѓу другото, беше последица на одземањето на основот да ги работам предметите“ се наведува во објавата.

Најчитано