Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Соопштена новата грчка Влада, Герапетритис шеф на дипломатијата, Дендиас оди во одбрана

Државниот министер во претходниот Владин состав Јоргос Гераптертитис е новиот министер за надворешни работи на Грција, негова заменичка ќе биде искусната дипломатка Александра Пападопулу, а претходниот шеф на дипломатијата Никос Дендиас заминува во Министерството за одбрана, јави дописничката на МИА од Атина.

Новиот владин портпарол, досегашниот секретар на Нова демократија, Павлос Маринакис попладнево ја соопшти новата грчка Влада која заедно со премиерот брои 63 члена (министри и заменици), од кои 15 се жени.

Се формира ново Министерство за социјална кохезија и семејство во кое и министерката и заменичката се жени, а единственото Министерство во кое нема промени на министерската позиција е она за култура.

Во сите други министерства има ротации на челните позиции и нови личности.

Во Министерството за надворешни работи на местото на Дендиас е Герапетритис, а на заменичките места ќе бидат Јоргос Коцирас, Александра Пападопулу која меѓу другото, во минатото беше и амбасадорка на Грција во Скопје, а позицијата заменик МНР ја задржува Костас Франкојанис.

Во Министерството за финансии и национална економија доаѓа Костис Хаѕидакис, кој претходно беше министер за труд, а претходниот министер Христос Стајкурас оди во Министерството за животна средина и енергетика, додека, пак, Дендиас заминува во Министерството за одбрана каде што ќе има двајца заменици.

Досегашниот алтернативен шеф на дипломатија надлежен за европски прашања Милтиадис Варвициотис ќе биде министер за поморство, а Министерството за миграција и азил ќе го предводи професорот Димитрис Керидис.

Претходниот министер за дигитална политика Кирјакос Пиеракакис заминува во образование на местото на Ники Керамеос која е новата министерка за внатрешни работи.

На местото на Василис Кикиљас во Министерството за туризам, кој ќе биде министер за климатски кризи, доаѓа Олга Кефалојани.

Паралелно во Владата има и тројца државни министри.

Новата грчка Влада утре во 13 часот ќе положи свечена заклетва, а в среда ќе ја одржи првата владина седница.

Зачлени се на нашиот е-билтен