Унгарија и Србија ги повикаа граѓаните и компаниите рационално да ја користат електричната енергија поради историски нискиот водостој на Дунав и наглото зголемување на потрошувачката за време на топлотниот бран.
Состојбата е најсериозна во Унгарија, каде што се очекува целосно запирање на нуклеарната централа „Пакш“. Централата, која обезбедува речиси половина од електричната енергија во земјата, го користи Дунав за ладење на реакторите, но нискиот водостој веќе го намали нејзиното производство.
Унгарските власти предупредуваат дека електроенергетскиот систем ќе биде особено оптоварен во вечерните часови, кога производството од соларните централи опаѓа, а клима-уредите и другите потрошувачи продолжуваат да работат.
Компаниите, локалните власти и домаќинствата се повикани да ја намалат потрошувачката, а за големите индустриски корисници се подготвени и задолжителни ограничувања доколку доброволните мерки не бидат доволни.
Во Србија снабдувањето засега е стабилно, но производството во хидроелектраните „Ѓердап 1“ и „Ѓердап 2“ е значително намалено поради слабиот доток на вода.
„Ѓердап 1“ работи со околу 20 отсто, а „Ѓердап 2“ со околу 30 отсто од капацитетот. Истовремено, дневната потрошувачка на електрична енергија се приближува до нивото што вообичаено се регистрира во зимскиот период.
Српските власти ги повикаа граѓаните рационално да ги користат клима-уредите и другите големи потрошувачи во наредните десет дена, колку што се очекува да трае топлотниот бран.
Нискиот водостој не влијае само врз хидроелектраните. Нуклеарните и термоелектраните исто така зависат од речната вода за ладење, додека отежнатата пловидба го забавува транспортот на горива и други енергенти.
