На музичко-сценскиот спектакл „Силно светнал ден“ во Охрид, организиран по повод 35 години од независноста на Македонија, вниманието го привлече необичен пропуст во сценографијата – на дел од визуелите беше прикажано сонце со повеќе зраци од оние на официјалното државно знаме.
Официјалното македонско знаме има жолто сонце со осум зраци кои се шират кон рабовите на црвената основа. На визуелниот елемент прикажан на стадионот „Билјанини Извори“, пак, сонцето имало поголем број зраци, поради што не одговара на утврдениот изглед на државниот симбол.
Настанот во Охрид беше првата станица од караванот „Силно светнал ден“, замислен како одбележување на 35-годишнината од независноста преку музика, театар и поезија. Во режија на Дејан Пројковски, на сцената настапија Игор Џамбазов и повеќе од 30 македонски изведувачи.
Организаторите најавија дека караванот ќе продолжи низ повеќе македонски градови, а завршниот настан е предвиден во Скопје на 4 септември.
Засега нема јавно објаснување дали погрешното сонце било ненамерен дизајнерски пропуст или намерна сценографска стилизација. Ако визуелот бил замислен како официјално државно знаме, тогаш неговиот изглед не одговара на законски утврдениот државен симбол.
