Граната од Втората светска војна исчезна од Дунав, полицијата трага по лицето што ја однело

Унгарската полиција трага по сомнителен експлозивен предмет, најверојатно артилериска граната од Втората светска војна, кој бил пронајден во калта на повлечениот Дунав во Будимпешта, а потоа исчезнал пред полицајците да пристигнат на местото.

Предметот на 10 август го забележал граѓанин во XXII округ, во близина на улиците Нагитетени и Тот Јожеф. Поради нискиот водостој на Дунав, дел од речното корито останал откриен, а во калта се појавил зарѓан предмет кој наликувал на артилериска муниција. Човекот го фотографирал и лично го пријавил во полиција.

Полицајците веднаш биле испратени на локацијата, но кога пристигнале, предметот веќе го немало. Според досегашните информации, исчезнал во периодот меѓу пријавувањето и доаѓањето на полициската патрола, а властите претпоставуваат дека некој го зел и го однел.

Од фотографиите, експертите не можат да ја исклучат можноста дека станува збор за артилериска граната од Втората светска војна. Полицијата ангажирала стручно лице за да утврди за каков предмет станува збор и отвори истрага под сомнение за неовластено постапување со експлозивен материјал.

Во тек е проверка на снимки од надзорни камери, се бараат сведоци и се утврдува кој можел да го однесе предметот. Будимпештанската полиција ги повика сите што имаат информации за неговата локација веднаш да се јават на бројот 112.

Властите предупредуваат дека муницијата која со децении била во земја или под вода и натаму може да биде активна и смртоносна. Лицето кое евентуално ја зело гранатата е повикано да не ја преместува, расклопува или транспортира, туку веднаш да ја извести полицијата.

Поради нискиот водостој на Дунав, полицијата предупреди дека во откриените делови од коритото може да се појават и други предмети и стара муниција и апелира граѓаните да не ги допираат, туку да се оддалечат и да ги известат надлежните служби.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?