Судскиот совет и судиите контра Уставен за предметот на новинарка од „27 април“

Судскиот совет и Здружението на судиите реагираа на одлуката на Уставниот суд да побара институционална одговорност откако оцени дека судија од Основниот граѓански суд не ја извршил неговата одлука за заштита на слободата на изразување на новинарката Наташа Стојановска, поврзана со насилството во Собранието на 27 април 2017 година.

Спорот меѓу институциите се отвори откако Уставниот суд за првпат го активираше механизмот за заштита на извршувањето на сопствените одлуки и ги извести Јавното обвинителство и Судскиот совет дека неговата одлука во предметот на Стојановска не била спроведена.

Уставниот суд уште во септември 2025 година утврдил дека на Стојановска ѝ било повредено правото на слободно изразување со претходните одлуки на Основниот граѓански суд и Апелациониот суд. Предметот се однесува на 27 април 2017 година, кога таа како акредитиран новинар на ТВ24 известувала од Собранието и, според утврденото од Уставниот суд, била изложена на закани и заплашување, била спречена да ја извршува новинарската задача и не добила соодветна заштита од државата.

По одлуката на Уставниот суд, Стојановска побарала повторување на граѓанската постапка, но Основниот граѓански суд во мај годинава го отфрлил предлогот. По увид во решението, Уставниот суд заклучил дека неговата претходна одлука фактички не била извршена и на 22 јули донел посебно решение за тоа.

Токму на овој чекор реагираат Судскиот совет и Здружението на судиите.

Тие не ја оспоруваат конечноста и извршноста на одлуките на Уставниот суд, но посочуваат дека решението на Основниот граѓански суд од 4 мај не е правосилно и дека против него е поднесена жалба за која допрва треба да одлучува Апелациониот суд. Според нив, додека постапката е во тек, оценката за законитоста на првостепената одлука му припаѓа на второстепениот суд.

Од Судскиот совет и Здружението предупредуваат дека институционалното постапување во ваква фаза мора да биде внимателно за да не се создаде впечаток дека однапред се влијае врз исходот или се врши притисок врз судиите кои треба да одлучуваат.

Според нив, независноста на судството не значи непочитување на Уставниот суд, туку гарантира дека секој судија одлучува самостојно врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори.

Уставниот суд, пак, има поинаква аргументација.

Во решението со кое констатирал неизвршување на својата одлука, Судот наведува дека судијата од Граѓанскиот суд пропуштил да ја земе предвид конечноста, извршноста и задолжителноста на одлуките на Уставниот суд. Како дополнителен аргумент, Уставен посочува дека веќе постои судска практика во која одлука на Уставниот суд била прифатена како нов факт и доказ за повторување на правосилно завршена постапка, а таквиот пристап подоцна го потврдил и Апелациониот суд.

Уставниот суд притоа не утврдил кривична одговорност на конкретниот судија. Во решението наведува дека оценката дали постојат елементи на кривично дело поради одбивање да се изврши негова одлука е во надлежност на Јавното обвинителство и на редовните судови.

Случајот отвора институционален судир околу две прашања кои истовремено мора да бидат заштитени: задолжителноста на одлуките на Уставниот суд и независноста на редовните судии додека постапката сè уште трае.

Во неговото средиште, сепак, останува предмет стар повеќе години. Новинарката Наташа Стојановска бара судска заштита за настаните од 27 април 2017 година, а Уставниот суд веќе утврди дека државата не обезбедила соодветна заштита додека таа ја извршувала својата новинарска задача.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?