Уште два дена Македонија ќе остане под силен топлотен бран, со температури кои на места ќе достигнуваат до 40 степени. Промена на времето се очекува од четврток, кога топлината ќе попушти, а попладне наместа ќе има пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Денеска времето е сончево и многу топло, со мала до умерена локална облачност и слаб до умерен ветер од северен правец. Максималните температури се движат од 34 до 40 степени, а во Скопје околу 39 степени.
Жешкото време ќе продолжи и во среда. Според прогнозата, минималните температури ќе бидат меѓу 12 и 23 степени, а дневните повторно ќе достигнуваат од 35 до 40 степени.
Позначителна промена следува во четврток и петок. Попладне ќе има локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а на одделни места се можни и поинтензивни невремиња со силен ветер, пообилен дожд за кратко време и појава на град. Температурите постепено ќе се намалат за неколку степени.
Во четврток максималните температури ќе се движат до околу 40 степени, додека во петок топлината дополнително ќе попушта. За време на викендот повторно се очекува постабилно време и постепен пораст на дневните температури.
