Унгарскиот парламент го избра поранешниот претседател на Врховниот суд, Андраш Бака, за нов претседател на земјата. Неговиот избор се смета за значаен симболичен чекор во промената на политичкиот курс по долгогодишното владеење на Виктор Орбан.
Бака беше избран на функцијата со 140 гласа „за“ и шест „против“, а пратениците на Фидес, партијата на поранешниот премиер Виктор Орбан, го бојкотираа гласањето. Претседателската функција во Унгарија во најголем дел е церемонијална, но шефот на државата има надлежности поврзани со законодавството и институционалниот систем.
Андраш Бака има долга судиска кариера. Бил претседател на унгарскиот Врховен суд, а претходно бил и судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Неговата кариера е тесно поврзана со судирот со власта на Виктор Орбан. Во 2011 година беше предвреме отстранет од функцијата претседател на Врховниот суд, откако неговите критики кон судските реформи на владата предизвикаа политички конфликт. Подоцна Европскиот суд за човекови права утврди дека со неговото отстранување биле повредени неговите права.
Новиот претседател во својот прв говор повика на помирување и порача дека политичките промени не треба да се претворат во одмазда. Тој истакна дека неговата улога ќе биде да ги претставува сите граѓани и да придонесе за враќање на институционалната рамнотежа и демократските вредности.
Изборот на Бака доаѓа по победата на партијата Тиса на парламентарните избори и по завршувањето на 16 годишниот период во кој Орбан и Фидес доминираа со унгарската политика. Тиса, предводена од Петер Маѓар, сега има мнозинство во парламентот и го поддржа изборот на Бака за претседател.
Фидес не учествуваше во гласањето и го оспори начинот на кој дојде до изборот, додека Тиса го брани потегот како дел од пошироката реформа на институциите што биле обликувани за време на владеењето на Орбан.
Бака треба да ја преземе функцијата на 19 август. Неговиот мандат е предвидено да трае до донесувањето на нов устав или најмногу пет години.
