Пет недели по почетокот на кризата со водата во Гостивар, СДСМ повторно ја обвини Владата за неодговорност, посочувајќи дека премиерот Христијан Мицкоски ниту еднаш не го посетил градот, а во меѓувреме заминал на годишен одмор.
Од партијата велат дека граѓаните и натаму се принудени да користат вода од шишиња, а состојбата дополнително ја усложнуваат здравствените проблеми што се појавија по загадувањето на водата. СДСМ во изминатите недели тврдеше дека неколку илјади жители побарале лекарска помош и ја обвини власта за задоцнета реакција.
„Во тие пет недели премиерот Христијан Мицкоски не се појави ниту еднаш во Гостивар. Не само што не дојде, тој замина на годишен одмор“, наведуваат од СДСМ.
Партијата повторно го критикува односот на Владата кон кризата, оценувајќи дека институциите реагирале доцна и дека граѓаните предолго биле оставени без безбедна вода за пиење. Во претходните настапи СДСМ бараше одговорност и од Министерството за здравство и другите надлежни институции, а на 10 август поднесе и кривична пријава против четворица функционери поради, како што тврди, пропусти во справувањето со кризата.
Од СДСМ и претходно обвинија дека додека Гостивар се соочувал со здравствената криза, премиерот присуствувал на други јавни настани наместо да го посети градот.
