Струјата во регионот руши рекорди, Македонија засега меѓу поевтините пазари

електрична

Екстремните горештини, сушата и ниските водостои ги турнаа берзанските цени на електричната енергија во регионот до рекордни нивоа. Најголемиот притисок се чувствува во вечерните часови, кога потрошувачката расте поради климатизацијата, а производството од соларните електрани нагло се намалува.

На 3 август, околу 20 часот, цената на струјата во Србија достигнала околу 550 евра за мегават-час, во Хрватска околу 650 евра, а во Словенија дури 717 евра. Романија била на околу 535 евра, а Унгарија на 510 евра за мегават-час.

Македонија во истиот период била значително под овие нивоа, со цена од околу 217 евра за мегават-час, додека во Бугарија цената изнесувала околу 290 евра.

Главниот проблем за регионалниот енергетски систем е сушата. Ниските водостои го намалуваат производството од хидроцентралите, но истовремено создаваат проблеми и за нуклеарните и термоцентралите кои користат речна вода за ладење. Во Романија еден реактор во нуклеарната централа „Чернавода“ веќе е исклучен поради нискиот водостој на Дунав, а постои ризик ограничувањата да го погодат и вториот реактор.

Под притисок е и Србија, каде ниските водостои го отежнуваат производството во хидроцентралите, а властите веќе повикаа на рационално користење на електричната енергија.

Дополнителен проблем се вечерните часови. Тогаш клима-уредите ја држат потрошувачката висока, додека сончевата енергија исчезнува од системот со зајдисонцето. Токму тој судир меѓу висока побарувачка и намалено производство ги создава највисоките берзански цени.

Енергетските експерти како долгорочно решение посочуваат поголеми производствени капацитети, батериско складирање, посилни прекугранични врски и инвестиции во извори што можат да произведуваат струја и кога соларните централи не работат.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?