Дрон експлодира во Бугарија без да биде забележан, Софија ги засилува антидрон системите

Дрон со експлозив навлезе во бугарскиот воздушен простор од правец на Романија и експлодира само стотина метри по преминувањето на границата, без претходно да биде откриен ниту од бугарските ниту од романските радари. Инцидентот кај Кардам, во близина на Трансбалканскиот гасовод, ги отвори прашањата за способноста на Бугарија да открива мали беспилотни летала што летаат на мала височина.

Експлозијата се случила на 8 август во поле со сончоглед, околу 200 метри од поранешниот граничен премин Кардам и околу еден километар од бугарската компресорска станица на Трансбалканскиот гасовод. Нема повредени, ниту оштетувања на критичната инфраструктура.

Бугарскиот премиер Румен Радев потврди дека леталото не било регистрирано додека се движело низ романскиот и бугарскиот воздушен простор, а информација за него немал ниту НАТО-центарот за комбинирани воздушни операции во Торехон. Според него, малите дронови што летаат ниско се особено тешки за откривање со постојната радарска покриеност.

Првичната анализа на остатоците на бугарското Министерство за одбрана покажала дека најверојатно станува збор за дрон-мамец од типот „Маја“, каков што широко користат украинските вооружени сили. Бугарските власти нагласуваат дека засега нема индиции оти леталото намерно било насочено кон Бугарија.

Началникот на бугарската одбрана, адмирал Емил Ефтимов, изјави дека една од можностите е дронот да бил исфрлен од предвидената траекторија поради дејство на системи за електронско војување. Истрагата треба да утврди дали причината била попречување на GPS-сигналот или дефект во системот за управување.

Софија побарала објаснување од Киев. Украинската амбасадорка во Бугарија Олесија Илашчук изјавила дека Украина не насочувала намерно беспилотни летала кон бугарска територија и понудила соработка во истрагата.

Инцидентот веќе ја забрза набавката на нови системи за откривање и неутрализирање дронови. Бугарското Министерство за одбрана планира со 127 милиони евра европско финансирање да набави најмалку десет антидрон системи и еден систем за радиоелектронско војување. Дел од постојната опрема е преместена од границата со Турција кон романската граница.

Падот на дронот доаѓа во период кога војната во Украина сè почесто се прелева во безбедносниот простор на земјите од НАТО долж Црното Море. Романија во повеќе наврати регистрираше беспилотни летала во својот воздушен простор, а Бугарија најави дека случајот од Кардам ќе го постави и пред Северноатлантскиот совет.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?