Повеќе од 16.000 украински цивили кои Русија ги привела од почетокот на војната и натаму се во притвор, а Обединетите нации предупредуваат на систематско мачење, сексуално насилство и нехумани услови врз цивили и воени заробеници.
Помошничката на генералниот секретар на ОН за човекови права, Клаудија Фуентес Хулио, пред Советот за безбедност изјави дека руските власти продолжуваат со „систематско мачење, малтретирање и сексуално насилство“ врз украинските заробеници. Дел од приведените цивили, според ОН, се држат без контакт со надворешниот свет и во услови спротивни на меѓународното право.
Од почетокот на руската инвазија, експертите на ОН интервјуирале 910 ослободени украински воени заробеници и 403 цивили. Повеќе од 95 отсто од воените заробеници и 85 отсто од цивилите изјавиле дека биле изложени на мачење или малтретирање, во многу случаи повеќепати.
Меѓу пријавените методи се тепање, електрошокови, изложување на екстремен студ, сексуално насилство, недостиг од храна и несоодветна медицинска помош. Канцеларијата на ОН за човекови права документирала и егзекуција на 129 украински воени заробеници непосредно по нивното заробување, како и смрт на уште 48 лица во притвор како последица на мачење, недостиг од медицинска грижа или други нехумани услови.
ОН досега не добиле пристап до притворските објекти во Русија, поради што немаат целосна слика за состојбата и структурата на повеќе од 16.000 цивили за кои се проценува дека и натаму се задржани.
Пред Советот за безбедност сведочеше и украинскиот војник Куан Лејва Гарсија, кој бил заробен по борбите во Мариупол во 2022 година. Тој раскажа дека затворениците биле тепани и понижувани, а целта, според неговото сведоштво, била психички да се скршат и да признаат дела што не ги сториле.
Москва ги отфрла обвинувањата. Заменичката на рускиот амбасадор во ОН, Марија Заболотскаја, изјави дека руските вооружени сили го почитуваат меѓународното хуманитарно право и го оцени состанокот како дел од „дезинформациска кампања против Русија“.
