Црногорската полиција уапси девет странски државјани во Подгорица по полициско обвинителска акција поврзана со сомнежи за недозволено вршење економски активности и незаконски престој. Во претресите биле пронајдени повеќе од 50.000 евра во готовина, над 100 компјутери и други уреди, 82 телефони, дрон и повеќе од 200 СИМ картички.
Акцијата била спроведена откако полицијата и Државното обвинителство започнале проверки на повеќе од 50 странски државјани затекнати во објект во областа Мареза во Подгорица. Од нив, девет лица биле лишени од слобода.
Меѓу уапсените е 28 годишна државјанка на Украина, за која постои сомнение дека го организирала ангажирањето на поголем број државјани на Украина, Молдавија и Словачка за активности поврзани со недозволено вршење стопанска, банкарска, берзанска и осигурителна дејност.
Според црногорското Министерство за внатрешни работи, постои сомнение дека на ангажираните лица им биле исплаќани плати во готовина, спротивно на прописите за работни односи и платниот промет во земјата.
Останатите осум лица, двајца државјани на Словачка, двајца на Молдавија и четворица на Украина, биле лишени од слобода поради прекршување на Законот за странци, односно поради незаконски престој во Црна Гора. Тие треба да бидат спроведени пред надлежен прекршочен суд.
При претресите на Вила Мареза, како и на повеќе возила и други објекти, полицијата запленила повеќе од 50.000 евра во готовина, над 100 компјутери и парчиња компјутерска опрема, 82 мобилни телефони, меѓу кои и телефони со криптирана заштита, 217 СИМ картички, ГПС уреди со картички, дрон и едно возило.
Меѓу лицата затекнати во објектот била и 17 годишна малолетна личност, која привремено била сместена во згрижувачко семејство. И за неа било утврдено дека немала пријавен престој во Црна Гора.
Полицијата и Државното обвинителство продолжуваат со проверките и со преземање дополнителни мерки во рамките на истрагата. Надлежните најавија дека јавноста постепено ќе биде информирана за понатамошниот тек и резултатите од постапката.
