Лидерот на српската опозициска партија Србија центар (СРЦЕ), Здравко Понош, остро ја исмеа најавата на претседателот Александар Вучиќ дека Србија би можела да размислува за промена на текот на реката Ибар, оценувајќи дека со таквата реторика се прикрива повлекувањето на КФОР од главниот мост во Митровица.
Понош го праша Вучиќ дали неговата изјава за Ибар е поврзана со почетокот на постепеното намалување на постојаното присуство на КФОР на мостот што ги поврзува северниот и јужниот дел на Митровица.
„Додека вежбаш да станеш Мојсеј, среди ја канализацијата во Борча. Тоа ти е мерката. Не залетувај се веднаш на Ибар, макар и со лаги“, порача Понош на социјалните мрежи.
Вучиќ претходно изјави дека Србија, поради односот на властите во Приштина кон косовските Срби, разгледува можност за промена на текот на Ибар, река која е важна за водоснабдувањето на значителен дел од Косово.
Во меѓувреме, КФОР официјално потврди дека почнала постепена транзиција на своето присуство од главниот мост во Митровица. Мисијата на НАТО наведува дека процесот е овозможен од подобрената безбедносна состојба, ќе се спроведува постепено и може да биде преиспитан доколку состојбата се влоши. КФОР најавува дека и по завршувањето на процесот ќе задржи силно присуство во северниот дел на Косово.
Косовската полиција веќе ја презема улогата во обезбедувањето на мостот, кој со децении е едно од најчувствителните безбедносни места во Косово и симбол на етничката поделба на Митровица. Српска листа се спротивстави на промената и побара итен состанок со командантот на КФОР, генерал-мајор Озкан Улуташ.
