Заборавете го август, на овие пет места септември е шпиц на сезоната

Септември е шпиц на сезоната на неколку медитерански дестинации каде летото продолжува и откако најголемиот дел од туристите ќе ги спакуваат куферите. Морето останува топло, дневните температури се попријатни, плажите се помалку преполни, а сместувањето често е поевтино отколку во јули и август. Кипар, грчките острови, турското крајбрежје, Мајорка, Тунис и Египет се меѓу местата каде септемврискиот одмор може да биде подобар избор од летувањето во екот на сезоната.

Кипар е еден од најсигурните избори за оние што не сакаат да се откажат од летото. Во септември островот и натаму има топло и претежно суво време, а морето останува доволно загреано за долго капење. Официјалниот туристички портал на Кипар наведува дека морската температура останува над 22 степени од јуни до ноември, што ја продолжува сезоната далеку по август.

Грција во септември добива сосема поинаков ритам. Јонското крајбрежје, Парга, Лефкада, Ситонија, Крит и Санторини и понатаму нудат летни услови, но без дел од августовските гужви. Патиштата и плажите се порелаксирани, а високите температури што во јули и август можат да го отежнат престојот почнуваат да попуштаат.

Слична е ситуацијата и на турското крајбрежје. Анталија во септември вообичаено има дневни температури околу 30 степени, додека морето останува многу топло. Токму овој период е привлечен и за туристите кои бараат хотелски одмор, бидејќи по најсилниот летен бран понудата станува попристапна, а условите за капење остануваат речиси летни.

Мајорка е уште една дестинација што во септември го покажува своето помирно лице. Морето задржува температура од околу 24 до 25 степени, а познатите мали заливи кои во јули и август се преполни стануваат значително попријатни за престој. За оние што сакаат комбинација од плажа, прошетки и истражување на островот, септември често нуди подобар баланс од најжешките летни недели.

За оние што сакаат летото да го продолжат уште повеќе, остануваат Тунис и Египет. Хургада, Шарм ел Шеик, Хамамет и Махдија во септември и натаму имаат високи температури, но условите се поподносливи отколку во најжешкиот дел од летото. Тоа овозможува одморот на море полесно да се комбинира со екскурзии и разгледување.

Септември затоа сè повеќе престанува да биде само крај на сезоната. На дел од Медитеранот, токму тогаш почнува периодот со топло море, помалку туристички метеж и попријатни температури, комбинација поради која искусните патници сè почесто го прескокнуваат август.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?