Ла Лига се враќа денес со нова технологија: Што треба да знаете за Connected Ball?

Ла Лига денес ја отвора сезоната 2026/27 со промена што ќе биде присутна на секој натпревар уште од првото коло. Технологијата Connected Ball, односно топка со вграден сензор што испраќа податоци во реално време, станува дел од системот што ќе им помага на судиите, VAR и полуавтоматската технологија за офсајд. Според Ла Лига, шпанското првенство е првата национална професионална фудбалска лига што ја воведува технологијата на сите свои натпревари.

Новата сезона почнува во сабота, на 15 август. Меѓу првите натпревари се Алавес – Хетафе од 17:30 часот и Севиља – Рајо Ваљекано од 19:30 часот, а токму на овие мечеви ќе почне и новата технолошка етапа во шпанскиот фудбал.

Суштината на Connected Ball е во сензорот на KINEXON вграден во официјалната топка на PUMA. Тој континуирано испраќа информации за позицијата на топката и, особено важно за судиските одлуки, за точниот момент кога фудбалерот ја допрел. Податоците се примаат преку мрежа од околу 12 антени поставени на стадионот и потоа се поврзуваат со останатите системи што ги користат Ла Лига и VAR.

Токму неколку милисекунди можат да бидат клучни при спорен офсајд. Досега VAR мораше преку видеоснимките да го одреди кадарот во кој е упатена топката, а сензорот сега дава дополнителен, прецизен податок за моментот на контакт. Поврзаната топка не ја носи судиската одлука сама, туку обезбедува податоци што треба да ја намалат неизвесноста и да им помогнат на видео-судиите побрзо и попрецизно да ја анализираат ситуацијата. FIFA ја користи истата основна логика на технологијата кај полуавтоматските системи за офсајд – прецизно утврдување на моментот кога топката е одиграна.

Но, офсајдот не е единствената ситуација во која податоците можат да бидат важни. Ла Лига наведува дека системот може да помогне и при процена на играње со рака, промена на правецот по допир, утврдување кој последен ја допрел топката пред корнер, како и кај ситуации со двоен контакт со топката.

За гледачите највидлив новитет ќе биде таканаречениот „heartbeat“ сигнал. Тој го бележи точниот момент на контакт со топката и ќе може да се прикажува и во телевизискиот пренос, заедно со графики што треба појасно да покажат врз основа на кои податоци се анализирала спорната ситуација.

Connected Ball истовремено отвора и ново поле за статистиката. Ла Лига го воведува системот xBALL, преку кој во преносите и дигиталните платформи постепено ќе можат да се прикажуваат податоци како точната брзина на ударот, ротацијата на топката и нејзината траекторија.

Организациски, промената е поголема отколку што изгледа. На секој натпревар ќе има по 14 поврзани топки: една во игра, една кај четвртиот судија и уште 12 распоредени околу теренот во рамките на системот со повеќе топки. Пред натпреварите секоја од нив се идентификува, полни, проверува и валидира, а сензорските топки нема да се користат на тренинзите и загревањето.

Ла Лига најавува дека технологијата ќе биде активна на сите натпревари од најсилната шпанска лига уште од првото коло во сезоната 2026/27. По воведувањето во Ла Лига ЕА Спортс, планот е системот да стигне и во Ла Лига Хипермоушн од сезоната 2027/28.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?