Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагира на состојбата на граничниот премин Табановце, каде, според партијата, иселеници и патници се соочуваат со долги колони и повеќечасовно чекање во услови на високи температури.
Од ДУИ велат дека снимките од Табановце, на кои се гледаат патници како чекаат во тешки услови, се „неприфатливи и загрижувачки“ и бараат надлежните институции итно да преземат мерки.
„Нашата дијаспора не заслужува малтретирање, понижувачко чекање и третман со кој се нарушува човековото достоинство“, наведуваат од опозициската партија.
ДУИ потсетува дека дијаспората со години придонесува за македонската економија и смета дека институциите треба да обезбедат побрзо и поефикасно минување на граничните премини, особено во периодот на летната туристичка сезона.
Од партијата посочуваат дека не го оспоруваат спроведувањето на законите, ниту плаќањето на евентуално изречените сообраќајни казни, но оценуваат дека спроведувањето на законските процедури не смее да доведе до нечовечки третман на патниците.
„Институциите имаат обврска да се организираат така што секоја постапка ќе се спроведува ефикасно и со целосно почитување на граѓаните“, велат од ДУИ.
Од опозициската партија ја обвинуваат коалицијата ВЛЕН, која е дел од Владата, дека носи политичка одговорност за односот на институциите кон граѓаните.
„ВЛЕН е дел од оваа Влада и сноси одговорност за начинот на кој граѓаните се третираат во државните институции. Молкот пред снимките од Табановце е непростлив“, наведуваат од ДУИ.
Од партијата нагласуваат дека иселениците не треба да се третираат како товар или како непријатели на државата, туку како граѓани кои заслужуваат почит и достоинство.
ДУИ бара од Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции веднаш да преземат мерки за да се намалат гужвите и да се обезбеди достоинствен третман на патниците на граничните премини.
„Дијаспората заслужува почит, а не малтретирање!“, порача ДУИ.
