Само четири дена траеле договорените откупни цени за пиперката „ајварка“, тврдат земјоделците од Струмичко, кои за утре најавија нов протест и блокади. Тие велат дека пиперката повторно се откупува по 25 денари за килограм, иако по претходните протести беше договорена повисока цена.
Протестот е најавен за утре во 11 часот пред подрачната единица на Министерството за земјоделство во Струмица. Земјоделците од Месното здружение на млади Муртино бараат да се почитува договореното и повторно го повикаа министерот за земјоделство Борче Серафимовски да излезе пред нив.
Тие посочуваат дека договорените цени требало да важат до крајот на откупната сезона, но на терен повторно се соочуваат со пониска откупна цена. Според нив, дополнителен проблем е што се најавуваат и нови намалувања на цената во следните денови.
По претходните протести и блокади, беше постигнат договор според кој пиперката „ајварка“ требаше да се откупува по 40 денари за прва класа, 30 денари за втора и индустриска класа, додека „шкартот“ беше определен на 15 денари за килограм.
Сепак, земјоделците сега велат дека договорот не се спроведува. Според нивната пресметка, со откупна цена од 25 денари за килограм тие губат околу 10 денари на секој килограм произведена пиперка.
„Математиката е проста. Секој килограм пиперка што се продава денес е 10 денари загуба“, порачаа од Месното здружение на млади Муртино, од каде што го повикаа премиерот Христијан Мицкоски да дојде во Струмица и лично да се запознае со проблемите на производителите.
Земјоделците дополнително реагираат и поради тоа што, како што тврдат, не им се исплатени субвенциите. Тие прашуваат како ќе продолжи производството ако секоја недела се намалува откупната цена, особено кога најголемиот дел од родот допрва треба да биде откупен.
На претходниот состанок со откупувачите и трговците земјоделците барале и писмени гаранции дека договорените цени ќе се почитуваат. Според нив, такви гаранции не добиле, поради што сега сметаат дека усно постигнатиот договор не обезбедил доволна заштита за производителите.
По претходниот договор, Државниот инспекторат за земјоделство најави засилени контроли на откупните пунктови во Струмичкиот регион, со цел да се обезбеди почитување на договорените услови.
Но, само неколку дена подоцна, земјоделците повторно излегуваат на протест. Тие велат дека се чувствуваат изманипулирани и потценети и бараат институциите да обезбедат механизам со кој договорените цени навистина ќе се применуваат на терен.
За производителите од Струмичко, спорот околу „ајварката“ повеќе не е само прашање на една откупна цена, туку на исплатливоста на целото производство и на тоа дали државата може да обезбеди услови во кои земјоделецот нема да работи со загуба.

