Шпанија зовре по кризата во Сеута, солзавец и гумени куршуми во Мадрид

PHOTO: EPA

Десетици илјади граѓани излегоа на улиците низ Шпанија на 2 септември, барајќи одговор од Владата на Педро Санчез за кризата во Сеута, предизвикана од масовното преминување на границата со Мароко. Протестите се одржаа во Мадрид, Барселона, Валенсија, Севилја, Билбао и во други градови, додека вечерта во главниот град заврши со солзавец, гумени куршуми, повредени полицајци и апсења.

Најголемиот собир се одржа во Мадрид, каде што, според владината делегација, се собрале околу 50.000 луѓе. Иако мобилизацијата формално беше организирана како поддршка за жителите на Сеута, таа брзо прерасна во протест против Владата на Санчез, со барања за негова оставка и за построга контрола на границата.

По завршувањето на главниот собир кај плоштадот Сибелес, дел од демонстрантите продолжиле кон шпанскиот Конгрес. Тензиите ескалирале кога група учесници почнала да фрла предмети кон полицијата, по што интервентните единици употребиле солзавец и гумени куршуми за да ја растераат толпата.

Во судирите биле уапсени четири лица, од кои две се малолетни, а четворица полицајци биле повредени. Тројца поминале со полесни повреди, додека состојбата на четвртиот дополнително се проценувала. Апсењата се поврзуваат со нарушување на јавниот ред и напад врз службени лица.

PHOTO: EPA

На протестот пред Конгресот се приклучиле и припадници на крајнодесничарската организација „Нуклео Насионал“. Шпанските медиуми објавија дека биле упатувани расистички пораки, а дел од демонстрантите вербално и физички ги нападнале новинарските екипи што известувале од собирот.

Паралелно со протестите за поддршка на Сеута, во Мадрид и во други градови се одржаа и собири против расизмот и ксенофобијата. Учесниците побараа хуманитарен одговор на кризата и предупредија мигрантите да не се претвораат во цел на политичките пресметки.

Кризата започна на крајот од јули, кога најмалку 72.000 луѓе ја преминаа границата од Мароко кон Сеута, пливајќи, пеш или пробивајќи се низ граничните премини. Најмалку 90 лица загинале при обидот да стигнат до шпанската територија.

Бројките за мигрантите кои сè уште се наоѓаат во Сеута се разликуваат. Централната влада проценува дека останале околу 5.000 луѓе, меѓу кои приближно 1.200 малолетници, додека локалните власти наведуваат бројка повисока од 10.000. Дел од нив престојуваат во привремени кампови, на улиците и на плажите.

Протестите ги повика Шпанската федерација на општини и провинции, а силно ги поддржаа опозициската Народна партија и крајнодесничарската Вокс. Шпанската влада ги обвини дека ја користат кризата за политички напад, додека за помош на Сеута најави пакет од 309 милиони евра за сместување, безбедност и социјални услуги.

PHOTO: EPA

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?