Маврово Опен продолжува: вториот тениски викенд повторно ги спојува спортот, луѓето и природата

Маврово

Маврови Анови повторно ќе бидат тениски центар овој викенд, кога од 5 до 8 септември продолжува второто издание на аматерскиот хуманитарен турнир „Mavrovo Open 2026“.

По успешниот прв викенд, со 30 одиграни натпревари, полни трибини и програма што го претвори тенискиот терен покрај Мавровското Езеро во место за спорт и дружење, турнирот продолжува со вториот дел од главната ждрепка.

На 5 и 6 септември ќе се играат мечевите од машката и женската конкуренција, додека 8 септември е резервиран за решавачките натпревари од вториот дел на ждрепката. Победниците ќе ги дадат преостанатите полуфиналисти за финалниот викенд на 12 и 13 септември.

Годинава Mavrovo Open има 84 пријавени натпреварувачи во машка, женска и полупрофесионална конкуренција, повеќе од двојно во однос на првото издание. Турнирот годинава за првпат има и женска аматерска конкуренција, со што дополнително се отвора просторот за рекреативниот спорт.

Но, Маврово Опен не е замислен само како тениски турнир.

Паралелно со натпреварите продолжуваат и детските активности, музиката, дружењето и содржините за посетителите, со идеја јавниот тениски терен да стане простор што ќе го користи целата заедница.

Токму тоа е и една од главните идеи на организаторите – спортот да биде повод луѓето да се поврзат со местото, со локалната заедница и со природата на Маврово. Турнирот започна во 2025 година како волонтерска иницијатива на група пријатели кои го оживеаја запуштениот тениски терен во Маврови Анови.

И хуманитарната компонента останува дел од приказната. Средствата од котизациите се наменети за поддршка на локалната заедница и основното училиште во Маврово.

Организаторите и годинава обезбедуваат и бесплатен шатл-превоз до тенискиот терен, со цел посетителите полесно да пристигнат и да го намалат сообраќајниот притисок во Маврово.

Така, вториот викенд на Mavrovo Open повторно ја носи истата едноставна порака: не мора секој спортски настан да биде само натпреварување. Понекогаш теренот може да стане место каде што се среќаваат спортот, природата, локалната заедница и луѓето што доаѓаат да го доживеат Маврово.

А тениската приказна продолжува за време на викендот од 11 до 13 септември, кога се предвидени финалните натпревари.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?