Одиш во Солун оваа сабота? По 15 часот избегнувај ги овие 15 улици!

За патниците што доаѓаат од Евзони и продолжуваат кон Халкидики, најдобар избор е обиколницата на Солун и директното продолжување кон патот за Неа Мудања, без влегување во централното градско подрачје.

Ако денеска патувате кон Солун, планирајте да стигнете во центарот пред 15 часот или целосно да го заобиколите. Поради отворањето на 90. Солунски меѓународен саем, најавените протести и засилените безбедносни мерки, грчката полиција постепено ќе затвора делови од клучните сообраќајници.

Од 15 часот, зависно од движењето на протестите, сообраќајот ќе се запира на „Леофорос Страту“, „Тритис Септемвриу“, „Василисис Олгас“, „Василеос Георгиу“, авенијата „Никис“, „Кундуриоту“, „Константину Караманли“, „Егнатија“, „Етникис Аминис“, „Цимиски“, „Агиу Димитриу“, „Агиас Софиас“, „Павлу Мела“, „Венизелу“ и „Маноли Андронику“. Дел од улиците ќе бидат затворени целосно, а на други ограничувањата ќе важат само на определени делници.

Тоа не значи дека е затворен целиот Солун. Сообраќајот од западниот кон источниот дел ќе се пренасочува преку улиците „26 Октомври“ и „Лагада“, како и кон обиколницата. Во спротивната насока ќе се користат „Кацимиди“, обиколницата, „Агиу Димитриу“ и „Олимпиадос“, кога условите ќе го дозволуваат тоа.

За патниците што доаѓаат од Евзони и продолжуваат кон Халкидики, најдобар избор е обиколницата на Солун и директното продолжување кон патот за Неа Мудања, без влегување во централното градско подрачје. Оние што одат во центарот треба да пристигнат пред 15 часот или да го остават автомобилот во организиран паркинг надвор од зоната на ограничувањата.

Забраните за запирање и паркирање на дел од централните улици веќе се во сила и ќе траат до недела во 20 часот. Посебна забрана во сабота, од 8 до 20 часот, важи и на дел од улицата „Стилпонос Кириакидис“. Возачите не треба да сметаат дека ќе пронајдат улично паркирање околу саемот, Белата кула, универзитетскиот кампус и плоштадот ХАНТХ.

Од 15 часот привремено ќе бидат затворени и метро-станиците „Нова железничка станица“, „Димократиас“, „Венизелу“, „Агиас Софиас“, „Синтривани“, „Универзитет“, „Папафи“ и „Ефклидис“. Метрото е најавено да работи 24 часа, но овие осум станици нема да примаат патници до ново известување. Автобуските линии што минуваат низ центарот може оперативно да се пренасочуваат.

Ако не одите на саемот, најпрактично е да побарате организиран паркинг во источниот или периферниот дел на градот, во близина на метро-станица што останува отворена, и последниот дел да го поминете со јавен превоз или пеш. Не оставајте го автомобилот на улица во близина на центарот, бидејќи забраните за паркирање важат и пред почетокот на блокадите.

Саемот се отвора во 10 часот и ќе трае до 13 септември. За сабота се најавени повеќе протестни собири, а во градот ќе бидат распоредени над 3.500 полицајци. Граничниот премин Богородица–Евзони не е опфатен со мерките и продолжува да работи. Во последното известување на АМСМ од петокот немаше подолги задржувања од македонската страна, но состојбата треба повторно да се провери непосредно пред тргнување.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?