Од ТВ студио до бесилка, Сара Калифа осудена на смрт за трговија со дрога

Сара Калифа осудена на смрт во саботата од Кривичниот суд во Каиро, заедно со уште 11 лица, поради производство и трговија со синтетички дроги. Познатата египетска водителка, која ја водела емисијата „Невозможна мисија“ посветена на безбедноста и криминалот, сега се соочува со смртна казна со бесење, но пресудата сè уште може да се обжали.

Обвинителството тврдеше дека Калифа била дел од организирана криминална група која увезувала суровини, произведувала синтетички дроги и ги пуштала во продажба. Членовите на групата, според истрагата, имале поделени улоги во набавката, производството и дистрибуцијата.

Полицијата запленила повеќе од 750 килограми дрога и материјали за нејзино производство. Истражителите откриле и два стана претворени во импровизирани лаборатории, како и оружје и муниција без дозвола.

Предметот опфатил вкупно 28 обвинети. Покрај 12 смртни казни, судот осудил девет лица на доживотен затвор, додека седуммина биле ослободени од обвиненијата.

Судската одлука следувала откако предметот бил доставен до големиот муфтија на Египет. Неговото мислење е задолжителен процедурален чекор во предметите за смртна казна, но нема обврзувачка сила за судот.

Калифа била уапсена во април 2025 година. Освен телевизиската кариера, таа поседува клиника за естетска хирургија и продукциска компанија за организирање настани. Таа ги негира обвиненијата, а осудените имаат право на жалба пред египетскиот Касационен суд.

Во посебен предмет, Калифа и дел од обвинетите добиле и петгодишни затворски казни за киднапирање и напад врз млад човек. Египет предвидува смртна казна за повеќе тешки кривични дела, меѓу кои и трговијата со дрога.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?