Партиските другари му сместија „Џи-Пи-Ти Прилеп“ на Проданоски – или сам си се наместил?

Во Прилеп на градоначалникот Дејан Проданоски, барем на промотивната слика што ја споделуваат неговите сопартијци, има Саат-кула што не личи на прилепската, фонтана што не постои, куќи од некој друг град и панорама составена како да е извлечена од неуспешна наредба до вештачка интелигенција.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески, ја сподели визуелизацијата со која се рекламираат „конкретните дела и видливите резултати“ на Проданоски. Истиот материјал, според објавите на социјалните мрежи, го споделил и Љубиша Јованоски, в.д. директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.

На плакатот се набројуваат подобри улици и патишта, модерна комунална инфраструктура, почиста животна средина, нови содржини за младите, спортот и културата и подобри услуги за граѓаните. Во заднината, пак, е прикажан град што треба да биде Прилеп, но кој прилепчани тешко би го препознале.

Најнапред се забележува кружна фонтана со висок бел столб во средината, сместена во уреден парк со патеки и зеленило. Таква фонтана во денешниот центар на Прилеп нема. Фонтаната што некогаш се наоѓала на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ била урната во 2015 година, за на нејзино место да биде поставен споменикот на Крале Марко. Под самата Саат-кула постои стара градска чешма, но таа нема никаква сличност со украсната фонтана измислена на политичкиот плакат.

Уште поочигледна е интервенцијата врз Саат-кулата, еден од најпрепознатливите симболи на Прилеп. Вистинската кула е изградена во 1858 година, врз шестоаголна основа од масивни камени блокови. Висока е 38,76 метри и е препознатлива и по својата инклинација од повеќе од еден метар.

На промотивната слика, Саат-кулата е претворена во објект што повеќе наликува на црковна камбанарија. Архитектурата, пропорциите, отворите и завршницата не одговараат на оригиналот, а часовниците се неприродно удвоени на истата видлива страна. Вештачката интелигенција можеби препознала дека на Прилеп му треба кула со часовник, но очигледно не препознала како изгледа прилепската Саат-кула.

Проблематичен е и приказот на врвот над градот. Крстот и карпестиот релјеф не одговараат на препознатливиот изглед на врвот на Маркови Кули, а веднаш до крстот е поставена висока конструкција што изгледа како антенски столб.

Фотографии од поширокиот комплекс покажуваат дека на Маркови Кули има и современа инфраструктура и јарболи, но нивната поставеност, големина и визуелен однос со крстот не се како на плакатот. Во политичката визуелизација, крстот, карпите и металната конструкција се споени во нов, непрепознатлив врв. Тоа не е документарен поглед кон Маркови Кули, туку вештачки прекомпониран пејзаж.

Зад фонтаната и Саат-кулата се издигаат десетици густо наредени куќи со црвени покриви, поставени амфитеатрално по падините на ридот. Куќите имаат различни, меѓусебно стопени фасади, нејасни прозорци и форми што се типични за синтетички генериран пејзаж.

Таква урбана панорама под Маркови Кули нема. Прилеп е распореден во Пелагониската Котлина, а населбите под ридот немаат изглед на густ медитерански град што се искачува по планинска падина. На плакатот куќите повеќе личат на мешавина од Охрид, Берат, Призрен и фантазијата на некој генератор на слики отколку на реален поглед кон Прилеп.

Самата слика, без оригиналниот фајл и неговите метаподатоци, не е доволна со стопроцентна сигурност да се утврди со која програма е создадена. Но, неточностите можат да се проверат и без детектор за вештачка интелигенција: Саат-кулата не е верна, фонтаната не постои во прикажаната форма, куќите не се прилепски, а целата географија е прекроена во вештачка разгледница.

Иронијата е уште поголема затоа што плакатот ветува „видливи резултати“. Ако резултатите навистина се видливи, зошто за нивна промоција не била употребена ниту една вистинска фотографија од Прилеп?

Дали партиските другари, во обидот да му направат услуга, му сместија „Џи-Пи-Ти Прилеп“ на Проданоски? Кој го одобрил материјалот пред пратеник и директор на јавно претпријатие да го споделат? И дали градоначалникот бил наместен од сопствената пропагандна машинерија – или со прифаќањето на ваквиот Прилеп сам си се наместил?

На објавениот материјал нема ознака дека панорамата е создадена или преработена со вештачка интелигенција, ниту објаснување зошто вистинскиот Прилеп не бил доволно добар за промоција на неговите наводно „видливи резултати“.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?