AI-писменоста станува дел од образовната реалност: CTRI отвора нови групи за учебната 2026/2027

CTRI

Во новата учебна сезона, CTRI продолжува со своите програми наменети за деца од различни возрасни групи во областите на STEM, роботика, програмирање, инженерство, вештачка интелигенција и 3D-технологии, со акцент на практична работа, проекти и подготовка за идните технолошки предизвици.

Во тек е формирањето на новите групи во Скопје, а родителите кои сакаат прво да се запознаат со начинот на работа на центарот можат да закажат истражувачки час, со претходна најава.

Децата денес растат опкружени со технологија, но пристапот до неа не значи автоматски и разбирање како таа функционира. Токму тоа е premisata од која тргнуваат стручњаците од Center for Technology, Robotics and Innovation – CTRI, чија цел е децата да не остануваат пасивни корисници на дигиталните алатки, туку да прераснат во нивни активни создавачи.

Од консумирање кон создавање

Вештачката интелигенција веќе одамна не е технологија на иднината – таа е присутна во пребарувањето, апликациите, училишните задачи, игрите и секојдневието на најмладите. Токму затоа во 2026 година европското образование сè повеќе го става акцентот на таканаречената AI-писменост: способноста децата да разберат како функционираат AI системите, критички да ги проценуваат нивните одговори и одговорно да ги користат. Европската комисија и OECD годинава претставија и посебна рамка за AI-писменост во основното и средното образование.

Претседателката и основачка на CTRI, м-р Васка Медиќ, објаснува дека изобилството технологија околу децата не значи и знаење за неа:

„Децата имаат огромен пристап до технологија, но пристапот не е исто што и знаење. Дете може со часови да користи телефон или таблет, а притоа воопшто да не разбира што стои зад технологијата што ја користи. Наша цел е процесот да го свртиме: детето да не биде само корисник, туку да стане создавач”, вели Медиќ.

Прашањето не е која алатка, туку како да се размислува

Основачот на CTRI, Јованчо Зашаровски, смета дека AI-образованието не треба да тргнува од прашањето која конкретна апликација треба да се научи, туку од способноста за критичко расудување:

„AI образованието не треба да започне со прашањето ‘која алатка да ја користам?’, туку со прашањето ‘како знам дали ова што го добив како одговор е точно?’ Технологиите ќе се менуваат… Но логичкото размислување, анализата, креативноста и способноста детето да постави добар проблем и да најде решение остануваат”, истакнува Зашаровски.

Зошто роботиката останува клучна дури и во ерата на AI

Според Медиќ, токму постоењето на вештачката интелигенција ја прави роботиката уште поважна, бидејќи таа му овозможува на детето директно да ја види врската меѓу идејата, кодот и реалниот свет:

„Кај роботиката детето ја гледа врската меѓу идејата, кодот и реалниот свет. Ако роботот не се движи како што треба, не може само да каже ‘компјутерот згреши’. Тоа е инженерско размислување, а тоа не се учи со гледање видео – се учи со раце, со обиди, со грешки и со решавање проблеми”, објаснува таа.

Работата со најмладите, додава Медиќ, е приспособена на возраста – кај нив не се работи со комплициран код, туку со логички секвенци, насоки, причина и последица, едноставни конструкции и работа во тим. Европските образовни иницијативи во 2026 година веќе вклучуваат STEM, роботика и едноставни AI активности дури и кај деца од предучилишна возраст, преку игра и практично истражување.

Натпреварите како училиште за живот

Освен редовната настава, значајна улога во развојот на децата играат и натпреварите, смета Зашаровски:

„На натпревар детето сфаќа дека роботот не го прави само за оценка или за наставникот. Има задача, време, правила, тим и реален предизвик. Таму се учи нешто многу поголемо од програмирање – како да функционираш под притисок, како да ја поделиш задачата во тим, како да прифатиш дека првата идеја можеби нема да успее и како повторно да пробаш.”

Совет до родителите

На прашањето што треба родителите да бараат при изборот на технолошка програма за своето дете, од CTRI велат дека бројот или цената на опремата се второстепени:

„Не е најважно колку скапи роботи има во просторијата. Поважно е што детето прави со нив. Дали само следи инструкции или размислува? Дали создава? Дали има простор да погреши? Дали работи во тим? Дали на крајот може да објасни зошто неговото решение функционира? Тогаш технологијата станува образование.”

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?