Околу 250 деца со попреченост, меѓу кои најголем број првачиња, ја започнале учебната година без образовни асистенти, обвини СДСМ на денешната прес-конференција.
Јованче Манасков од Комисијата за образование на СДСМ оцени дека станува збор за продолжение на, како што рече, проблемите во образованието со кои учениците и родителите се соочуваат секоја учебна година.
„Околу 250 деца, од кои најголем број првачиња, на 1 септември се без образовните асистенти што им се потребни“, рече Манасков, додавајќи дека за овие деца и нивните родители првиот училишен ден, наместо радост, бил проследен со страв, разочарување и неизвесност.
Од опозициската партија тврдат дека ова е трета година по ред во која учебната година започнува без навремено обезбедена образовна поддршка за дел од децата со попреченост.
СДСМ прашува зошто Министерството за образование не ги обезбедило асистентите навреме, особено ако, како што тврди партијата, училиштата ги доставиле барањата за образовна асистенција за првачињата уште до 30 јуни, по завршувањето на уписите.
„Што направи Министерството за образование со тие барања? Зашто ако постапката за вработување трае повеќе од 20 дена, тогаш е јасно дека и со започнување на постапката сега, дел од овие деца реално би добиле образовен асистент дури по 20 септември“, рече Манасков.
Од СДСМ прашуваат што треба да прават децата без асистент во периодот додека траат административните постапки и дали тоа значи дека тие треба да чекаат за да можат целосно да го следат наставниот процес.
„Децата не се само бројка во табела. Тие имаат право на образование, право на еднакви можности и право на поддршка согласно нивните индивидуални потреби“, порача Манасков.
Според СДСМ, образовниот асистент е неопходна поддршка за децата со попреченост, бидејќи им овозможува полесно да ја следат наставата, да учествуваат во училишниот процес и рамноправно да ги остваруваат своите права.
На прес-конференцијата опозициската партија повторно ги критикуваше состојбите во образованието, посочувајќи ги податоците за, како што наведоа, над 3.000 првачиња помалку, 26 затворени училишта и 433 паралелки помалку.
СДСМ побара Министерството за образование итно да го реши проблемот и да обезбеди ниту едно дете со попреченост да не остане без потребната образовна поддршка.

