Изложба на фотографии на Иван Блажев – „Траги и растојанија“

Блажев

Во четврток на 10.09.2026 г. во 20 ч. на Факултетот за ликовни уметности во Сули ан ќе се отвори самостојната изложба на фотографии на Иван Блажев насловена „Траги и растојанија“.

Проектот произлегува од повеќегодишен процес на истражување, консултации и креативно обликување. Ќе бидат изложени педесетина фотографии снимени во текот на 18 години од 2006 до 2024 г. „Траги и растојанија“ е фотографско истражување на меморијата, имагинацијата, родителството и неуловливите траги што ги остава времето. Наместо да го документира минатото како нешто фиксно, изложбата навлегува во неизвесниот простор помеѓу она што навистина се случило, она што го паметиме и она што можеби сме го замислиле.

Обединувајќи фотографии создадени во текот на осумнаесет години со лични фотографии од ќерката на авторот, кои го документираат периодот од нејзиното детство до созревањето, делото се развива без хронологија, имиња или датуми. Фотографии на лица, пејзажи, тела, предмети и минливи средби се појавуваат и исчезнуваат како фрагменти од сеќавањето, создавајќи врски кои се повеќе емотивни отколку наративни.

Фотографиите се движат помеѓу личното и универзалното, помеѓу семејното сеќавање и искуствата од различни места и моменти и во суштина е помалку семеен албум, а повеќе пејзаж на внатрешното искуство. Фотографиите го повикуваат гледачот да го надмине видливото и да влезе во еден лебдечки свет каде што меморијата и имагинацијата се испреплетуваат. Тука минатото не е фиксно — тоа постојано се реконструира, чувствува и повторно се замислува како сеќавање на сензацијата што останува долго откако физичкиот допир исчезнал.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?