Силна експлозија во хидроцентрала во Швајцарија, загинаа двајца работници

Скриншот Х

Силна експлозија во хидроцентрала во јужна Швајцарија однесе два човечки живота во средата наутро. Несреќата се случила кратко по 9 часот и 30 минути во старата хидроцентрала Ритом, во местото Пјота во кантонот Тичино, додека во објектот се изведувале работи.

По експлозијата избувнал пожар во внатрешноста на зградата, а двајца работници се здобиле со тешки повреди. Швајцарските власти подоцна потврдија дека двајцата починале од повредите.

Еден од загинатите бил 55 годишен швајцарски државјанин. Идентитетот на вториот работник сè уште се утврдува, соопшти полицијата во кантонот Тичино.

На местото интервенирале противпожарни и медицински екипи, кантоналната полиција и спасувачки хеликоптер. Областа околу централата била затворена, а експлозијата предизвикала сериозно оштетување на објектот.

Старата централа Ритом се реконструирала како дел од проект за нејзино преуредување. Надлежните засега не соопштуваат какви активности се изведувале во моментот на несреќата и дали експлозијата е поврзана со работите во објектот.

Причината за експлозијата не е утврдена. Обвинителството и кантоналната полиција започнаа истрага за да ги утврдат техничките и безбедносните околности што довеле до несреќата.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?