Новоросијск под дронови се најде во ноќта 8 кон 9 септември, кога украинските сили го нападнаа стратешкото руско пристаниште на Црното Море. Украинскиот Генералштаб соопшти дека биле погодени нафтен терминал и објекти во воената база, додека руските власти тврдат дека загинале четири лица, меѓу кои и дете, а 29 биле повредени.
По серијата експлозии избувнале пожари во пристанишниот комплекс. Сателитскиот систем за следење пожари на НАСА регистрирал повеќе топлински точки во околината, а геолокациските анализи на снимките укажуваат дека бил оштетен најмалку еден резервоар во терминалот за мазут.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во нападот биле погодени објекти за извоз на нафта, воени бродови и системи за лансирање ракети „Калибар“. Украинското воено разузнавање тврди дека била погодена и руската фрегата „Адмирал Есен“, од која може да се лансираат крстосувачки ракети.
Москва не ја потврди информацијата за погодени воени бродови. Градоначалникот на Новоросијск, Андреј Кравченко, го потврди нападот, но соопшти дека остатоци од соборени беспилотни летала паднале врз индустриски објекти и во близина на станбени згради.
Регионалните руски власти наведуваат дека биле оштетени приватни и станбени објекти, детска градинка и православен храм. Дел од повредените се во тешка состојба, а службите продолжуваат да ја проценуваат материјалната штета.
Новоросијск е еден од најважните руски центри за извоз на нафта, нафтени производи и жито преку Црното Море. Во градот се наоѓа и клучна база на руската Црноморска флота, поради што пристаништето во изминатиот период повеќепати беше цел на украински напади.
Киев со нападите врз енергетската и воената инфраструктура настојува да ги намали руските приходи и способноста на Москва да ја продолжи војната. Размерите на штетата врз терминалот и воената база сè уште се проценуваат, а дел од украинските тврдења не се независно потврдени.

