Осум лица се повредени во напад со поморски дронови врз рускиот туристички центар Сочи на Црното Море, соопштија властите во Краснодарскиот регион. Петмина од повредените се пренесени во болница, додека на тројца им била укажана помош на местото.
Нападот се случил доцна во средата во близина на крајбрежното шеталиште. Делумно се оштетени инфраструктурата на плажата и дел од Приморската набережна, а на терен интервенирале итните и специјалните служби.
На снимка објавена на социјалните мрежи се гледа експлозија во близина на брегот и се слуша пукање и вресоци. Reuters ја потврди автентичноста на видеото.
Руските власти соопштија дека станува збор за напад со беспилотни пловила. Засега нема независна потврда кој ги лансирал дроновите, ниту Украина официјално презеде одговорност за нападот.
Сочи е еден од најпознатите руски туристички центри на Црното Море и беше домаќин на Зимските олимписки игри во 2014 година. Во градот се наоѓа и една од официјалните резиденции на рускиот претседател Владимир Путин.
Нападите со поморски дронови се поретки од воздушните напади со беспилотни летала, кои во изминатиот период Украина ги користи за напади врз руска енергетска, воена и логистичка инфраструктура.

