Август 2026 најтопол досега, Балканот до 5 степени над просекот

Август 2026 година е најтоплиот август забележан досега на глобално ниво, со просечна температура од 16,96 степени. Месецот истовремено се изедначи со јули 2023 година како најтопол месец во светската климатска евиденција, покажуваат најновите податоци на европската служба „Коперникус“.

Глобалната температура во август била за 0,85 степени повисока од просекот за периодот 1991-2020 и за 1,65 степени над проценетото прединдустриско ниво од 1850 до 1900 година. Тоа е прв месец од ноември 2025 година во кој глобалната температура повторно се искачила над границата од 1,5 степени.

Од „Коперникус“ нагласуваат дека надминувањето на 1,5 степени во еден месец не значи дека долгорочната цел од Парискиот договор е трајно пробиена. Податоците, сепак, го потврдуваат продолжувањето на трендот на глобално затоплување.

Особено високи температури во август биле регистрирани и на Балканот. Во голем дел од регионот тие биле за три до пет степени над вообичаениот просек, а натпросечно топло било и во Италија, Франција, Хрватска, Босна и Херцеговина, Унгарија и Романија.

На европското копно просечната температура изнесувала 20,26 степени, што е за 1,10 степени над просекот за август во периодот 1991-2020. И покрај силниот топлотен бран, ова бил четвртиот најтопол август во Европа во досегашната база на податоци ERA5.

Рекорди биле регистрирани и во океаните. Просечната температура на морската површина надвор од поларните области достигнала 21,07 степени, највисока вредност измерена за август. На 24 и 25 август дневниот просек достигнал 21,11 степени, што е нов апсолутен рекорд.

Исклучително топли води имало во тропскиот Пацифик, каде се засилуваат условите поврзани со Ел Нињо, но и долж европскиот атлантски брег и во западниот дел на Средоземното Море.

Летото 2026, од јуни до август, било третото најтопло забележано во Европа, додека западна Европа го имала најтоплото лето во досегашната евиденција. Просечната летна температура таму достигнала 21,69 степени, за 2,54 степени над просекот од 1991 до 2020 година.

Според „Коперникус“, периодот од јануари до август ја поставува 2026 година како втора најтопла година досега во оваа фаза од годината, зад 2024 година.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?