Новинарски хеликоптер на NBC4 се урна во населбата Чатсворт во Лос Анџелес додека од воздух известувал за тешка сообраќајна несреќа што се случила во близина. Во падот на леталото загинаа три лица, а едно е пренесено во болница.
Хеликоптерот „NewsChopper4“ паднал нешто пред 19 часот по локално време, меѓу два деловни објекти на улицата Норт Мејсон. По ударот избувнал пожар кој зафатил четири автомобили и два контејнера, а на местото интервенирале 56 пожарникари.
Двајца од загинатите биле во хеликоптерот, додека третото лице се наоѓало на земја во моментот на падот. NBC4 соопшти дека во леталото биле фоторепортерката Елијана Морено и пилотот Џорџ Марцинив.
Хеликоптерот бил управуван од компанијата „Angel City Air“ и бил ангажиран за потребите на NBC4 и Telemundo 52 во Лос Анџелес. Телевизијата претходно изгубила контакт со екипажот, по што во живо ја потврдила информацијата дека леталото се урнало.
Несреќата се случила помалку од два часа по судир меѓу автомобил и автобус на градскиот превоз во истиот дел од Лос Анџелес. Во таа сообраќајна несреќа загинале две лица, а шест биле пренесени во болница, според податоците на противпожарната служба.
Причината за падот на хеликоптерот засега не е утврдена. Истрагата ја преземаат американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот и Федералната управа за авијација.

