Научници за првпат детално документирале необично однесување на женка грбав кит по смртта на нејзиното младенче – со часови останувала во негова непосредна близина, го допирала со главата и перката и повеќепати нуркала до неговото тело на морското дно. Истражувачите велат дека однесувањето може да биде поврзано со тага, но предупредуваат дека емоционалната состојба на животното не може директно да се утврди.
Редок настан бил снимен на 17 јули 2025 година во близина на Голд Коуст во Австралија, а научната анализа беше објавена на 16 септември годинава во списанието Discover Animals. Истражувачите го опишуваат случајот како прва детално документирана „постмортална внимателност“ кај грбав кит кон мртвородено младенче.
Два возрасни грбави кита најпрво биле забележани како необично долго се задржуваат на едно место, на околу еден километар од брегот. Набљудувачите потоа забележале остатоци од амнионската мембрана, што покажувало дека една од женките штотуку се породила.
Со GoPro камера било откриено дека младенчето, долго помалку од четири метри, лежи неподвижно на морското дно. Не покажувало знаци на дишење или движење.
Женката повеќепати нуркала до него, останувала непосредно до телото и го допирала со главата и градната перка. Во одредени моменти се позиционирала директно до младенчето, очи в очи, и останувала така околу една минута. Однесувањето продолжило во текот на целото набљудување, кое траело приближно два часа.
За разлика од некои видови делфини и китови со заби, кај кои биле забележани мајки што ги носат или туркаат мртвите младенчиња кон површината, оваа женка не се обидела да го подигне телото. Истражувачите посочуваат дека тоа може да значи дека го препознала младенчето како мртво, но нагласуваат дека ова не може сигурно да се утврди.
Во близина цело време се задржувал уште еден возрасен грбав кит, а два возрасни кита биле забележани на истото подрачје и во следните два дена. Научниците не можеле да потврдат дека станува збор за истите животни, но велат дека е можно женката да останала во близина на младенчето и подолго од периодот што бил снимен.
Ваквото однесување кај китовите со заби, делфините и орките е документирано и претходно, но научните податоци за грбавите и другите китови без заби се исклучително ретки. Една од причините е што телата на новородените грбави китови може брзо да потонат и тешко се забележуваат од површината.
Авторите намерно се внимателни со зборот „тага“. Според нив, однесувањето може да биде израз на силна мајчинска приврзаност, вознемиреност, збунетост или инстинктивен обид за грижа. Без физиолошки или невролошки мерења не може да се заклучи дека китовите тагуваат на ист начин како луѓето.
Сепак, снимката им дава на научниците редок увид во начинот на кој еден од најголемите морски цицачи реагира на смртта на сопственото младенче и отвора нови прашања за сложеноста на нивните социјални врски и однесување.

