Македонија размислува за закон за употреба на вештачка интелигенција

Македонија би можела во 2027 година да добие посебен закон за употреба на вештачката интелигенција, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Според него, идејата не е државата да го регулира создавањето на ВИ-системите, туку начинот на кој тие се користат – со правила за правилна, етичка и одговорна примена.

Можниот закон треба да биде една од мерките во новата Национална стратегија за вештачка интелигенција, чија прва нацрт-верзија работната група треба да ја презентира утре.

Андоновски најави дека стратегијата ќе содржи и конкретен акциски план со обврски за државните институции. Планот е документот да биде усвоен до крајот на годинава, откако претходно ќе биде објавен на ЕНЕР и ќе помине низ неколку јавни расправи.

„Размислуваме за донесување еден закон за употреба на вештачката интелигенција, не за регулирање на производството или создавањето на вештачка интелигенција, туку повеќе за правилното, етичко и принципиелно користење“, рече Андоновски.

Според најавата, подготовката на ваков закон би можела да почне во текот на 2027 година.

Идејата доаѓа во период кога Европската Унија веќе започна со примена на голем дел од правилата од европскиот Акт за вештачка интелигенција. Од 2 август годинава почнаа да се применуваат и правилата за транспарентност, според кои корисниците во одредени случаи мора да бидат известени дека комуницираат со ВИ, а дипфејк-содржините и дел од другите материјали создадени со вештачка интелигенција мора јасно да бидат означени.

Европскиот модел се темели на процена на ризикот. Одредени употреби на ВИ се забранети, за дел се предвидени правила за транспарентност, додека системите што се користат во чувствителни области како образование, вработување, критична инфраструктура, миграција и биометрија подлежат на построги услови. Дел од правилата за високоризичните системи ќе почнат да се применуваат од крајот на 2027 година.

Засега не е прецизирано дали македонскиот закон директно ќе го следи европскиот AI Act, кои области конкретно ќе ги регулира и која институција би била надлежна за надзор.

Паралелно со подготовката на стратегијата, Владата работи и на инфраструктурата за развој и користење на вештачка интелигенција. Андоновски рече дека е во завршна фаза изборот на локација за националниот дата-центар, како и разговорите со меѓународен финансиски партнер за проектот.

Дата-центарот треба да биде изграден во близина на Скопје, покрај технолошко-индустриска развојна зона. Во втората фаза се планира и фотонапонска централа, која според проценките на Министерството би обезбедувала од 30 до 40 проценти од потребната електрична енергија.

Во јуни беше промовиран и проектот „Везилка“ – Национална фабрика за вештачка интелигенција, преку која треба да се поврзат научната заедница, институциите и приватниот сектор со европската инфраструктура за развој на ВИ.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?