Премиерот Христијан Мицкоски повторно упати критики кон состојбите во правосудството, оценувајќи дека во судскиот систем сè уште постои дел кој, според него, работи во интерес на СДСМ и ДУИ.
„Во судството имаме малцинство кое им служи на интересите на СДСМ и ДУИ“, изјави Мицкоски, продолжувајќи ја серијата јавни критики што во изминатиот период ги упатува кон делови од судството и обвинителството.
Слична оценка премиерот изнесе и претходно, кога по одлуката на Врховниот суд да ја укине пресудата за автобуската несреќа кај Ласкарци зборуваше за „рецидиви и остатоци“ од претходната власт во правосудниот систем. Тогаш тој оцени дека станува збор за мал дел поврзан со поранешната власт на СДСМ и ДУИ.
Мицкоски и во последните политички настапи продолжи со обвинувањата дека во судско-обвинителскиот систем постојат структури кои ги штитат интересите на поранешната власт. На митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница на 28 септември тој повторно зборуваше за, како што ги нарече, „инсталации“ во судството и обвинителството.
Од СДСМ, пак, подолг период изнесуваат спротивни обвинувања. Опозициската партија тврди дека актуелната власт врши политичко влијание врз правосудството и како аргументи посочува кадровски промени во обвинителството и Судскиот совет, како и јавните настапи на владини претставници во врска со судски предмети.
Меѓусебните обвинувања доаѓаат во период кога состојбите во судството и обвинителството остануваат една од најчесто отвoраните политички теми во земјата, а прашањето за независноста на правосудниот систем повторно е во центарот на политичката дебата.

