Три лица се под истрага за тероризам и недозволено тргување со оружје по вчерашната акција на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност на повеќе локации во Скопје.
Надлежен јавен обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција донел наредба за спроведување истражна постапка против тројцата осомничени.
Акцијата следуваше по сомневања дека група лица била вклучена во активности поврзани со индоктринација и поттикнување тероризам, како и со други незаконски активности.
При претресите на повеќе локации биле пронајдени оружје, муниција и знаме со обележја на Исламска држава.
Според првичните информации од безбедносните служби, во рамки на истрагата се проверуваат контактите и активностите на осомничените, како и потеклото и намената на пронајденото оружје.
Обвинителството ја продолжува истрагата за да утврди дали постоела поширока мрежа, какви активности биле преземани и дали биле вклучени и други лица.
Акцијата на МВР и АНБ започна вчера со претреси на повеќе локации во Скопје. Првичните информации укажуваа дека безбедносните служби постапуваат по сомневања за радикализација и поттикнување терористички активности.
Дополнителни детали за доказите и улогата на секој од осомничените се очекуваат во текот на истражната постапка.

