По возбудливиот старт на сезоната, кошаркарската Евролига вечерва го отвора второто коло со осум натпревари. Програмата почнува во 18:00 часот со дуелот меѓу Дубаи и Барселона, а завршува со пресметката Париз – Партизан од 20:45 часот.
Дубаи го приреди едно од изненадувањата во првото коло, совладувајќи го Реал Мадрид со 78:77. Сега пред своја публика ќе се соочи со Барселона, која сезоната ја отвори со победа од 89:82 против Анадолу Ефес. За каталонскиот клуб тоа е можност за втор триумф, додека Дубаи ќе се обиде да го потврди успешниот старт.
Реал Мадрид, пак, ќе гостува токму кај Ефес во Истанбул. Двата тима влегуваат во натпреварот по порази на отворањето, па еден од нив вечерва ќе ја забележи првата победа во новата сезона. Во ист термин од 19:00 часот, Жалгирис го пречекува Олимпијакос.
Внимание привлекува и дуелот меѓу Црвена звезда и Хапоел Тел Авив, додека Партизан ќе гостува кај Париз. Во шпанската пресметка, Валенсија ќе ја пречека Басконија: домаќините стартуваа со победа, а гостите ќе бараат одговор по поразот од Олимпијакос во првото коло.
Второто коло продолжува и утре со уште два натпревари: Макаби Тел Авив – Бешикташ и Панатинаикос – АСВЕЛ.
Натпревари во Евролигата вечерва, 29 септември:
18:00 – Дубаи – Барселона
19:00 – Жалгирис – Олимпијакос
19:00 – Анадолу Ефес – Реал Мадрид
19:45 – Фенербахче – Баерн Минхен
20:00 – Црвена звезда – Хапоел Тел Авив
20:30 – Олимпија Милано – Виртус Болоња
20:30 – Валенсија – Басконија
20:45 – Париз – Партизан
Утре, 30 септември:
20:05 – Макаби Тел Авив – Бешикташ
20:15 – Панатинаикос – АСВЕЛ

