Пет децении по својот настап на „Златно славејче“, Калиопи ќе го одбележи јубилејот со голем концерт на 17 октомври во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. За публиката подготвува вечер со песни од различни периоди од кариерата, балади, танцување и специјален гостин.
На средбата со новинарите пејачката зборуваше за почетоците, за врската со публиката и за музиката што продолжува да ја создава со Ромео Грил.
„Мојот пат започна во 1976 година, на ‘Златно славејче’. Овој октомври, кога ќе се случи претстојниот концерт во арената ‘Борис Трајковски’, ќе одбележам 50 години. Поминале 50 години, а јас сè уште со мојот откачен Ромео Грил влегувам во студио и правиме музика која е безвременска, на која реагираат и најмлади и постари. Тоа е непроценливо богатство“, рече Калиопи.
Концертот следува по распродадената арена во 2024 година и четирите последователни распродадени настапи во Македонската филхармонија во 2025 година. Калиопи најави нов концепт, но со својот бенд како основа на сцената.
„Велат – овој концерт ќе биде подобар од претходниот. Не може да биде подобар, но може да биде поинаков. Ние се потрудивме да направиме поинаков концепт. Основата, мојот бенд, секако ќе биде таму. Јас си ги сакам луѓето од мојот бенд, тие се моето второ семејство“, истакна таа.
Репертоарот ќе ги спои спомените со енергична концертна атмосфера. Пејачката порача дека баладите ќе имаат свое место, но дека публиката треба да се подготви и за многу танцување.
„Што се однесува до репертоарот, ова ќе биде журка. Ова ќе биде ноќ на радоста. Ова ќе биде ноќ кога ќе евоцираме спомени. Секако, нема да ве оставам без одредени балади. Но, многу ќе танцуваме и нема да ве оставам – ќе останете без здив“, рече Калиопи.
Името на специјалниот гостин ќе биде откриено десет дена пред концертот.

Во меѓувреме, Калиопи ја претстави песната „Бебе“, која ја опиша како посвета на детското во секој човек и повик да се разбудат радоста и емпатијата.
„Сите ние го можеме тоа, само треба да се потсетиме каде сме започнале“, порача пејачката.
Со Ромео Грил веќе подготви и нова рок-балада на српски јазик, за која планира видеоспот во Загреб. За песната рече дека остави силен впечаток кај сите што ја слушнаа, а нејзиниот долгогодишен соработник повторно ја изненади со текстот и аранжманот.
По 50 години на сцената, Калиопи го издвојува траењето како најголема вредност на својата кариера.
„Лесно е да се биде забележлив на блиц, но тешко е да се трае. Не толку за мене, колку за сите оние кои растеле и живееле со мене, а сè уште ќе живеат и тогаш кога мене ќе ме нема“, рече таа.

