Силното невреме што веќе неколку дена ја погодува Грција предизвика големи поплави и штети на Крит, а во последните 24 часа на островот и во јужниот дел на Егејското Море биле регистрирани околу 22.000 молњи.
Обилните дождови поплавија патишта, оштетија куќи и земјоделски површини, а во повеќе делови од островот имаше и прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Во регионот на Ретимно, според локалните власти, на одредени места наврнале до 500 милиметри дожд. Поројните води носеле автомобили, камења и друг материјал, а на дел од патиштата имало одрони и свлечишта.
Во југоисточниот дел на Крит денеска превентивно биле евакуирани 47 лица од хотели и објекти за краткорочно сместување во областите Ферма и Куцунаири. Според противпожарната служба, тие не биле во непосредна опасност.
Невремето однесе и човечка жртва. Постар сточар бил пронајден мртов во регионот Ретимно, додека во петокот на Родос 58-годишна туристка од Германија загина откако била погодена од гром. Нејзиниот сопруг бил полесно повреден.
Сериозно е погодено и земјоделството. Во некои делови на Крит се пријавуваат уништени насади и обработливи површини, додека надлежните допрва ја проценуваат вкупната материјална штета.
Грчката цивилна заштита го задржа Крит под највисокото ниво на готовност, „црвен код“, поради опасноста од нови поплави и свлечишта.
Метеоролозите очекуваат силните врнежи постепено да ослабнат во текот на денот, но предупредуваат дека почвата е веќе презаситена со вода и дека ризикот од локални поплави останува.
Невремето ги погоди и поморските врски во Егејското Море. Силните ветрови предизвикаа прекини и ограничувања во сообраќајот на траектите од дел од грчките пристаништа.

