ЕУ се подготвува за хибридни напади со жртви

Европската Унија разгледува како би реагирала на голем хибриден напад што би можел да предизвика човечки жртви, додека европските престолнини сè повеќе се фокусираат на сценарија што ги надминуваат досегашните кибернапади, саботажи и мешање во избори, објави „Политико“.

Амбасадорите на сите 27 земји членки зад затворени врати разговараат за можниот одговор на Унијата доколку хибриден напад резултира со поголем број жртви, наведува медиумот, повикувајќи се на петмина дипломати и функционери.

Разговорите биле интензивирани по откривањето дрон со експлозив на аеродромот во Лајпциг во август.

ЕУ веќе располага со таканаречен „хибриден сет алатки“, преку кој се координира одговорот на закани како кибернапади, мешање во изборни процеси, дезинформации и саботажи. Новите разговори, сепак, се насочени кон можноста ваквите операции да имаат многу посериозни последици, вклучително и човечки жртви.

Меѓу опциите за кои се разговара се испраќање тимови за итна помош, обезбедување европски финансиски средства за погодената земја и координирана кризна комуникација од институциите на ЕУ.

Европските институции во повеќе наврати ја обвинуваат Русија за засилени кибернапади, саботажи, нарушување на критичната инфраструктура и други прикриени операции на територијата на Унијата по почетокот на руската инвазија врз Украина. Москва ги отфрла обвинувањата дека води организирана кампања на саботажи во Европа.

Директорката на Европскиот центар за извонредност за спротивставување на хибридните закани, Теја Тииликаинен, предупредува дека употребата на сè поопасни средства за тестирање на европската подготвеност го зголемува ризикот од човечки жртви, без разлика дали тие би биле намерни или ненамерни.

Паралелно се отвора и прашањето каде завршува улогата на ЕУ, а каде почнува одговорноста на НАТО. Дел од европските престолнини предупредуваат дека новите механизми не треба да ги дуплираат функциите на Алијансата.

Една од опциите е НАТО да остане фокусиран на размената на разузнавачки информации и военото одвраќање, додека ЕУ би имала поголема улога во цивилниот одговор, финансиската помош и справувањето со последиците од евентуален напад.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен претходно предложи воспоставување итен безбедносен протокол и Европски совет за безбедност, додека дел од дипломатите сметаат дека Унијата треба да ги користи веќе постојните механизми за кризен одговор.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?