Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ им оддаде признание на редакцијата Рацин.мк и на главниот уредник на порталот Зоран Бојаровски за покажаниот интерес и активен однос во унапредувањето на дејноста на институтот во афирмацијата на македонскиот јазик.
ИМЈ „Крсте Мисирков“ оваа благодарница за порталот ја доделува по повод значајниот јубилеј – 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик.
На пригодниот настан по овој повод директорката на ИМЈ проф. д-р Елена Јованова-Грујовска истакна дека јавноста во Македонија во последните години го препозна институтот како една од највидливите научни институции, чија примарна е сестрано да го проучува македонскиот јазик, да се грижи за неговата афирмација, како и за афирмација на македонската литературата, фолклорот и на националната историја, како најголеми национални вредности.
Во остварувањето на оваа своја цел, рече директорката Јованова-Грујовска, соработката на ИМЈ со медиумите е еден од најважните приоритети на оваа наша научна установа.

Признанието во знак на благодарност на ИМЈ денеска им беше врачено на медиумските организации Македонска телевизија, Македонско радио, Телевизија 24, Сител, Канал 5, Алфа телевизија, Слободен печат, ТВ 21, Нова Македонија, Телма, Алсат М, ТВ Сонце, МИА, Види вака, Радио Слободна Европа, Република, ТРН.мк, Рацин.мк и Бизнис вести, како и на поголем број поединци и соработници на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Фотографии: Ангел Ангеловски