Силно торнадо денеска ја погоди западна Сицилија, оставајќи зад себе уништени објекти, превртени автомобили и оштетена инфраструктура. Најпогодени се градот Марсала и околните населени места Петрозино и Мазара дел Вало.
Според Ројтерс, две лица се тешко повредени и пренесени во болница, откако силниот ветер го зафатил автомобилот во кој се наоѓале.
Невремето започнало над морето, каде што се формирале два вртложни столба, кои потоа се придвижиле кон копното. Торнадото откорнувало столбови, кршело прозорци и оштетувало покриви, а сериозна штета претрпело и училиште во областа Марсала.
Шефот на цивилната заштита на Сицилија, Салваторе Кочина, го опиша торнадото како исклучително силно и невообичаено за регионот, споредувајќи го со разорните вртлози што се појавуваат во САД.
Невремето следува по лето со екстремно високи температури. Експертите предупредуваа дека наталожената топлина во Средоземното Море може да придонесе за посилни есенски бури.
Регионалните власти најавија итна финансиска помош за погодените подрачја, додека предупредувањата за нови врнежи и невреме остануваат во сила.

