Први резултати од Словенија, мнозинство „за“ на сите четири референдуми

Првите неофицијални резултати од денешните четири референдуми во Словенија покажуваат дека мнозинството од досега преброените гласови е „за“ на сите четири прашања. Граѓаните се изјаснуваа за измените на Законот за парламентарни истраги, условите за добивање социјална помош, гласачкото право на странците и финансирањето на јавниот радиодифузен сервис.

Според податоците на Државната изборна комисија, објавени во 20:51 часот, на законодавниот референдум за измените на Законот за парламентарни истраги, 52,84 проценти од преброените гласови се „за“, додека 47,16 проценти се „против“. Во моментот на објавувањето на овие податоци биле обработени 35,7 проценти од гласовите.

На консултативниот референдум за воведување задолжителна општественокорисна работа како услов за добивање парична социјална помош, поддршка дале 64,35 проценти од гласачите, додека 35,65 проценти се изјасниле против. Обработени биле 31,3 проценти од гласовите.

Мнозинство „за“ има и на референдумот за ограничување на гласачкото право на локалните избори на словенечките државјани и државјаните на Европската Унија. Според првите резултати, 58,86 проценти го поддржале ограничувањето, а 41,14 проценти гласале против, при 31,6 проценти обработени гласови. Ова прашање директно ги засега и македонските државјани со постојан престој во Словенија, бидејќи со законските измени од септември веќе им е укинато правото на глас на локалните избори. Референдумот има консултативен карактер и самиот по себе не го менува законот.

На четвртиот референдум, кој се однесува на укинувањето на задолжителниот придонес за Радиотелевизија Словенија, 54,66 проценти од преброените гласови се „за“, а 45,34 проценти „против“. Обработени биле 32 проценти од гласовите.

За разлика од останатите три референдуми, законодавниот референдум за парламентарните истраги има обврзувачки карактер. За измените да бидат отфрлени, потребно е мнозинството од важечките гласови да биде против, а истовремено против да гласаат најмалку 339.706 граѓани, односно една петтина од сите запишани избирачи. Според првите резултати, досега се евидентирани 112.836 гласови „против“, што значи дека прагот сè уште не е достигнат.

Последната пријавена бројка на официјалниот портал за излезноста на законодавниот референдум изнесува 647.089 гласачи, односно приближно 38,1 проценти од запишаните избирачи. Оваа бројка сè уште не претставува потврдена конечна излезност.

Референдумите се одржаа во атмосфера на изразена политичка поделба. Владејачката коалиција на премиерот Јанез Јанша повикуваше на четири гласа „за“, додека опозициските партии Свобода, Социјалдемократите и Левица се залагаа за четири гласа „против“.

Пребројувањето продолжува, а резултатите се привремени и може да се променат со обработката на преостанатите гласови.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?