ММФ предупредува: Вештачката интелигенција носи ризици поголеми од придобивките

Фото: World Economic Forum / Thibaut Bouvier

Ризиците од развојот на вештачката интелигенција можат сериозно да ги надминат нејзините економски придобивки доколку веднаш не се воспостават соодветни заштитни механизми и етичка регулаторна рамка. Ваквото предупредување го упати директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, за време на годишните средби на ММФ и Светската банка во Бангкок. Таа нагласи дека оваа напредна технологија веќе влијае врз светската економија, но истовремено претставува сериозна закана за глобалната финансиска стабилност доколку ветените зголемувања на продуктивноста не се остварат со очекуваното темпо.

Споредувајќи ја моменталната состојба со болиди од Формула 1 кои брзаат без заштитни бариери за публиката, првата жена на ММФ побара комбинација од саморегулација на технолошката индустрија и директна контрола од водечките влади, со посебен акцент на САД, Кина и Индија. Дополнителен предизвик за помалите и земјите во развој, претставува ризикот од зголемување на глобалните нееднаквости поради недостиг на основна дигитална инфраструктура и пристап до евтина електрична енергија, што се клучни предуслови за користење на новите алатки.

На сериозноста на моментот укажа и економистот од Универзитетот Харвард, Дани Родрик, според кого светот се наоѓа пред дилема со две подеднакво опасни сценарија. Доколку очекуваните ефекти од вештачката интелигенција целосно се материјализираат, тоа ќе предизвика масовни отпуштања и губење на работни места во низа традиционални и услужни сектори. Доколку продуктивноста изостане по огромните инвестиции во центри за податоци и опрема, светскиот пазар ќе се соочи со тешка и скапа финансиска корекција.

На ова предупредување се надоврза и претседателот на германската Бундесбанк, Јоахим Нагел, посочувајќи дека вештачката интелигенција носи потенцијал драстично да ги продлабочи глобалните економски дисбаланси. Тој нагласи дека огромниот капитал потребен за хардвер и софтвер моментално е концентриран во рацете на мал број корпорации и развиени земји, со што се создава ризик остатокот од светот да биде турнат во долгорочна економска и технолошка зависност.

Коосновачот на водечката компанија за вештачка интелигенција „Антропик“, Џек Кларк, призна на самитот дека технолошката трка навистина наликува на возење болид во ноќни услови без функционални сопирачки. Тој порача дека саморегулацијата на компаниите повеќе не е доволна и дека се неопходни стандарди базирани на здрав разум, повикувајќи се на регулаторните рамки што веќе ги поставува Европската Унија како пример за градење доверба кај граѓаните и пазарите.

Наспроти барањата за претпазливост и заштита на работниците, претставниците на американската администрација во Бангкок инсистираа да се нагласат исклучиво позитивните економски шанси, дури иницирајќи технологијата во официјалните документи да се преименува во супер интелигенција. Сепак, европските партнери, вклучително и германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл, го одбија таквиот обид за редефинирање, барајќи институциите цврсто да се фокусираат врз утврдување мерливи стандарди за безбедност и социјална заштита пред оваа технологија да ги наруши трудовите пазари ширум светот.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?