„Каде си?“ „Со кого си?“ „Зошто не одговори веќе пола саат?“ Ако некој ти ги праќа овие пораки по неколку пати на ден, лесно е да помислиш: „Па добро, значи ме сака“. А кога ќе ти каже „дај лозинка, јас немам што да кријам, ни ти немој“, тешко е да одбиеш без да се почувствуваш како да криеш нешто. Затоа многумина попуштаат, но тоа не е слабост.
Контролата не секогаш изгледа онака како што ја замислуваме. Доаѓа како „само се грижам за тебе“ или „важно ми е да знам дека си добро“. Затоа на почеток изгледа слатко, па попушташ еднаш, па втор пат, и по некое време „нормално“ е нешто сосема различно од она што било на почеток.
Замисли неколку ситуации. Партнерот ти ја чита преписката во твојот телефон додека си во бања и вели „јас ништо не кријам, нема што и ти да криеш“. Другарка ти не ти зборува три дена затоа што си излегла без неа. Или некој те прашува „кој е тој на сликата?“ секој пат кога ќе објавиш нешто. Различни ситуации се, а завршуваат исто: ти си тој/таа што мора да се објаснува.
Ова не е само некоја хипотетичка ситуација, зад ваквите искуства стојат луѓе како нас.. Во истражување на ОБСЕ од 2025 година, на 600 млади жени и девојки од 18 до 29 години во Македонија, 7 проценти кажале дека биле жртви на контрола од партнер, а 13 проценти дека биле сведоци. Во тоа спаѓа ограничување на движењето и на изборот на пријатели, следење на телефонот и контрола врз облекувањето. Истражувањето оценува дека ваквото однесување не секогаш се препознава како насилство, зашто се прикрива како „љубов“ или „грижа“.
Кога еднаш ќе попуштиш, следното барање е полесно. Прво лозинката, па „зошто го следиш тој?“, па „мислам дека не треба да се гледаш со нив“. Колку повеќе попушташ, толку помалку простор имаш, па затоа можеш да се чувствуваш виновен/а, исцрпен/а и сè понесигурен/а во себе, иако не си направил/а ништо лошо.
Никој не ни кажува како да ја разликуваме грижата од контрола врз нас и нашите постапки. Тоа се учи, а ако не го научиме од возрасните, го учиме од социјалните мрежи и од сопствените грешки. Затоа Меѓународните технички насоки за сексуалното образование на УНЕСКО ги ставаат односите и безбедноста од насилство меѓу основните теми што се учат уште од рана возраст, прилагодено на возраста. Слични препораки дава и истражувањето на ОБСЕ кое истакнува дека потребно е образование за родовите улоги, превенција на насилство и сексуално образование уште од помала возраст, со вклучување на родителите. Тоа е суштината на сеопфатното сексуално образование: не е лекција за секс, туку како да препознаеш здрава врска и како да кажеш „доста е“.
Што можеш да направиш?
Прво, запрашај се: можам ли да кажам „не“ без да се плашам од реакцијата? Ако не можеш, не мора да чекаш да се случи „нешто посериозно“ за да побараш поддршка. Кажи на пријател, на брат или сестра или на возрасен на кој му веруваш. И не, не мора да го даваш телефонот за да докажеш дека те сака.
А ако си ти оној што проверува, размисли и запрашај се од што се плашиш, Запрашај се што те мачи, која е причината да ги читаш пораките на другиот, дали има некој со кого можеш да споделиш и да побараш поддршка за промена.
Грижата прашува и верува. Контролата проверува и не верува. Љубовта не бара пристап до твојот телефон, бара доверба.

