Црковното единство, соборноста и заедничкиот пат на православните цркви беа меѓу главните акценти во поздравите на бугарскиот патријарх Даниил и вселенскиот патријарх Вартоломеј кога ја пречекаа делегацијата на Вселенската патријаршија во Синодалната палата во Софија, објави БГНЕС.
Патријархот Даниил го пречека Вартоломеј како драг гостин и ја нагласи духовната врска меѓу Цариградската и Бугарската православна црква. Тој потсети дека токму од Цариград бугарските предци ја прифатиле православната вера, а двете цркви делат заеднички повик да ја зачуваат и да сведочат за нејзиното единство.
„Нашето срце е отворено за вас со братска љубов во Христа“, рече бугарскиот патријарх, изразувајќи надеж дека посетата ќе го зајакне братството и добрите односи меѓу двете цркви.
Во својот говор, патријархот Вартоломеј ја нагласи потребата од зачувување на единството во православниот свет. Тој нагласи дека црковното единство не е само теоретски принцип, туку бара постојани напори и практична имплементација.
„Црковното единство не престанува да биде постојана задача што чека нејзина реализација“, истакна Вселенскиот патријарх.
Патријархот Вартоломеј изјави дека неговите посети на локалните православни цркви имаат за цел да го потврдат единството на Христовата Црква, нејзината католичност и светост. Тој изрази надеж дека тешките времиња ќе поминат и православните цркви повторно ќе одат заедно во ненарушено единство.
Вселенскиот патријарх, исто така, ги истакна напорите на патријархот Даниел за зачувување на црковното единство во деликатен период за православниот свет, изразувајќи ја својата поддршка за овој потфат.
Посетата на Вартоломеј на Бугарија продолжува со низа литургиски и културни настани посветени на годишнините од раѓањето и вознесението на Свети Јован Рилски Чудотворец.

