СДСМ: Владата ќе плати 350 милиони евра за камати во 2026 година, повеќе отколку за социјална помош

СДСМ

СДСМ обвинува дека високите трошоци за камати по државните задолжувања го ограничуваат просторот за социјална помош, повисоки плати и поддршка за земјоделците. Според Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на партијата, државата во 2026 година ќе издвои околу 350 милиони евра за камати, односно околу 120 милиони евра повеќе од средствата наменети за социјална помош.

На прес-конференција, Младеновска оцени дека економските политики на Владата создаваат дополнителен товар за граѓаните и за идните генерации, додека домаќинствата се соочуваат со високи трошоци за живот.

„Потрошувачката кошничка со трошок за кирија достигна околу 90.000 денари. Три минимални плати не се доволни да се покријат само основните животни трошоци“, рече Младеновска.

Таа ја критикуваше Владата за одбивањето на предлозите на СДСМ за минимална плата од 600 евра и финансиска помош за земјоделците. Според неа, земјоделскиот сектор е оставен без доволна поддршка, а дел од земјоделците се принудени да продаваат земја за да ги покријат трошоците.

Младеновска предупреди и на очекуваниот буџетски дефицит, за кој рече дека може да надмине 900 милиони евра, како и на недостигот од околу една милијарда евра за пензискиот систем.

Според тврдењата на СДСМ, за само две години државниот долг е зголемен со нови задолжувања во вредност од околу четири милијарди евра. Партијата наведува дека долгот, заедно со обврските кон јавните претпријатија, надминува 63 проценти од бруто домашниот производ.

Младеновска посочи дека каматните трошоци се приближуваат до два процента од БДП и дека се речиси 40 проценти од буџетските средства наменети за здравствена заштита, како и од средствата за плати и надоместоци. Таа оцени дека високите издвојувања за камати го намалуваат просторот за финансирање на јавните услуги и поддршка на граѓаните.

Од СДСМ упатија и обвинувања за трошење јавни пари преку, како што велат, сомнителни тендери и договори, посочувајќи го и случајот со наводни 5,5 милиони евра за ангажман на диџеј.

Младеновска порача дека Владата ќе треба да одговара за начинот на кој се трошат јавните средства, обвинувајќи ја за погрешни економски политики и недоволна грижа за животниот стандард на граѓаните.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?