Демонстрантите во Тирана ги отфрлија столчињата за дијалог на Рама

Фото: Скриншот, Euronews Albania

Студентите и професорите собрани на протестот пред зградата на Владата во Тирана го одбија повикот за преговори од премиерот Еди Рама, превртувајќи ги столчињата што претходно беа поставени пред влезот како симбол за разговори.

Со извици „Нема дијалог без оставка“, демонстрантите ги отстранија црвените столчиња со натпис „дијалог“, со што јасно порачаа дека одбиваат какви било преговори со власта додека не се исполнат нивните барања.

Пред владината зграда се обрати и директорката на Агенцијата за медиуми и информирање (МИА), Манјола Хаса, која понуди официјален комуникациски канал за посредување во дијалогот со премиерот. Демонстрантите го отфрлија и овој обид, продолжувајќи со скандирања за оставка на владата.

Потегот на премиерот следуваше по неговата утринска видеопорака, во која порача дека тој и членовите на кабинетот се подготвени за разговори без какви било предуслови. Рама изјави дека е на располагање за средба во кое било време и на кое било место, вклучително и на скалите пред самата владина зграда.

Истовремено, шефот на албанската влада подвлече дека институциите нема да преговараат со лица кои применуваат насилство или одбиваат јавно да се оградат од таквите постапки.

И покрај владините апели за дијалог, протестите на студентите и професорите пред зградата на Владата во Тирана продолжуваат со непроменети барања и со целосно отфрлање на преговорите.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?