Околу половина од првостепените пресуди во следените предмети за висока корупција и организиран криминал во Северна Македонија се укинуваат, а судските постапки во прв степен во просек траат околу две години. Ова го покажува новиот извештај на ОБСЕ за следењето на судските процеси во Западен Балкан, кој опфаќа период од јуни 2024 до септември 2026 година.
Извештајот „Од хартија до практика 2.0“ се темели на следење на повеќе од 350 предмети во шест земји од регионот. Во Северна Македонија биле следени 72 предмети, од кои 56 за корупција и 16 за организиран криминал, како и 850 судски рочишта и 84 судски акти.
Иако ОБСЕ регистрира напредок во ефикасноста на судовите, повторените судења, одложувањата и недоволната институционална координација остануваат сериозни пречки за побрзо завршување на сложените кривични постапки.
Според извештајот, бројот на првостепени пресуди во следените предмети се зголемил од 23 на 32 во споредба со претходниот период. Сепак, уделот на укинати пресуди останал речиси непроменет, при што околу половина од првостепените одлуки во предметите за висока корупција и организиран криминал биле укинати.
Просечното времетраење на првостепените постапки останало околу две години. Од друга страна, во седум предмети што започнале по воведувањето на пилот-иницијативата за подобро управување со судењата во јануари 2025 година, првостепената пресуда била донесена во просек за седум месеци. ОБСЕ го оценува ова како охрабрувачки показател дека подобрата организација може да придонесе за побрзо завршување на постапките.
Речиси секое трето рочиште без напредок
Проблем остануваат и рочиштата што не придонесуваат за напредок на постапката. Нивниот удел се намалил од 33 на 28 проценти, а во првата половина на 2026 година достигнал 21 процент.
Најчеста причина за одложување било отсуството на обвинетите, кое учествувало со 31 процент во непродуктивните рочишта, во споредба со 41 процент во претходниот период.
Истовремено, процедуралните проблеми станале втора најчеста причина за одложување, со удел од 22 проценти, наспроти 11 проценти претходно. Меѓу причините се недостапни судски списи поради постапување пред повисоки судски инстанци, нецелосни вештачења, измени и дополнувања на обвиненијата, задоцнето доставување докази и изземања на судии.
Според ОБСЕ, ваквите пречки покажуваат дека ефикасноста на судењата не зависи само од работата на судските совети, туку и од функционирањето на целиот правосуден систем.
Предупредување за измените на Кривичниот законик
Посебно внимание во извештајот е посветено на законските измени и нивното влијание врз борбата против организираниот криминал и корупцијата.
ОБСЕ наведува дека измените на Кривичниот законик од 2026 година, во споредба со законската рамка пред 2023 година, го стеснуваат опфатот на одредени кривични дела, ги намалуваат предвидените казни и роковите за застарување.
Според извештајот, ваквите решенија може да создадат правна несигурност и да влијаат врз ефикасноста на истрагите и кривичното гонење на корупцијата и организираниот криминал.
ОБСЕ посочува и дека дел од планираните реформи се спроведуваат побавно од предвиденото, особено оние за кои е потребно парламентарно одобрување или поширок политички консензус.
Политичките изјави за судските предмети остануваат проблем
Во извештајот се посочува дека јавните изјави на политички претставници и функционери за постапките поврзани со организиран криминал и корупција остануваат причина за загриженост.
ОБСЕ предупредува дека ваквите изјави се особено чувствителни во контекст на перцепцијата за политички притисок врз правосудството и ја нагласува потребата од заштита на судската независност и довербата на јавноста.
Дополнителни предизвици се недостигот од судски персонал, ограничената административна поддршка и недоволното користење на расположливите податоци за следење на ефикасноста на судските постапки.
Извештајот укажува и на потребата од подобро образложување на обвиненијата и судските одлуки, како и од поефикасно спроведување финансиски истраги и одземање имот стекнат со криминал.
Напредок има, но реформите сè уште не даваат доволно резултати
И покрај утврдените слабости, ОБСЕ констатира дека во 72-та следени предмети не биле идентификувани системски недостатоци што ја нарушуваат севкупната правичност на судските постапки.
Забележан е напредок во транспарентноста, управувањето со судењата и напорите за подобрување на работата на судиите и обвинителите. Сепак, овие подобрувања сè уште не се применуваат доследно во сите предмети и институции.
Клучната порака на извештајот е дека донесувањето закони, стратегии и реформски планови само по себе не е доволно. Вистинскиот напредок треба да се мери преку нивната примена во секојдневната работа на правосудните институции, поквалитетни одлуки и постапки што завршуваат во разумен рок.
За Северна Македонија, следната фаза од реформите треба да покаже дали институционалните промени ќе доведат до поефикасно постапување во предметите за висока корупција и организиран криминал, помалку повторени судења и поголема правна сигурност.

